Новата градинка „Прв Чекор“ во Миладиновци, ќе згрижи 75 деца

Во склоп на детската градинка „Гоце Делчев“ во Миладиновци, општина Илинден денес се отвори новиот објект „Прв Чекор“.

Објектот е со капацитет за згрижување и воспитание на 75 деца на возраст до 6 години односно до поаѓање во училиште, организирани во четири хомогени згрижувачко-воспитни групи.

На отворањето на објектот присутни беа министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и градоначалникот населбата Илинден.

„За нас секое дете е важно. Предучилишното образование го поставува темелот на кој што младата детска личност, се гради во иден ученик во основно училиште, средно образование и академски граѓанин,“ изјави министерката Шахпаска.

Таа потсети дека  покрај денешната во Илинден, беа отворени и градинките во Сарај и Гостивар, а до крајот на годината планирано е и отворање на градинките во Ресен, Боговиње и уште четири други градинки.

„Илинден е општина во раст, проширувањето на капацитетот на градинките е особено важно, бидејќи предучилишните установи се клуч за дружење и социјализација на децата“, истакна градоначалникот Стојановски, додавајќи дека вкупната инвестиција изнесува 33 милиони денари.