Нова тура артисти најавени за „Д Фестивал“

Летниот фестивалот „Д Фестивал“, кој ќе се одржува од 30 јуни до 2 јули во Дојран, најави нова тура артисти што ќе настапат на овогодинешното издание.

Беседа се четворица дечки од кумановската алтернативна сцена, Беседа се бенд со желба да формираат цврст и моќен звук кој ќе ги пробие сите граници на емоционалната страна кај секој човек.

„Нивниот авторски звук е спој на психоделичен стонер рок, стонер и дум метал зачинет со прогресивни бранови, кој гарантира успешен поход кон зацртаната цел. Како актуелни победници на фестивалот за демо-артисти ‘Лузер Фест’, ‘Беседа’и годинава се приклучуваат на ‘Д Фестивал’ овој пат со концерт во склоп на програмата на Mosquito Stage“, соопштуваат организаторите од „Пасворд“.

На „Д Фест“ ќе настапува и Matej Foltz, артист за кој велат дека не се плаши да се искаже себеси во целост и резултатот е нов авторски потпис за уникат на домашната сцена.

„Првите негови песни кои го привлекуваат вниманието на публиката, како ‘Понеделник’ и „Идеја?“, ги поставуваат своите корени во рап музиката која во автентичен израз го карактеризира Foltz до ден денес. Но, тоа не го спречува тој постојано да го редефинира својот звук и да произведува модерна и уникатна музика за овие простори. Неговата нова авантура започнува со скоро издадениот сингл ‘Лавиринт’ заедно со Young Dadi, што зема инспирација од 90-тите и раните 2000-ти години презентирајќи нова визуелна ера во неговите видео спотови“, стои во најавата на „Пасворд“.

Засилување во музичката програма на „Д Фестивал“пристигнува со Roni Size култно име на светската драм енд бејс сцена, глобално почитуван за неговиот иновативен пристап и револуционерните подвизи во електронската музика.

„Ја освои светската сцена и ја пропелира електронската музика на глобално ниво, но секогаш задржувајќи го подземниот кредибилитет, а до ден денес, неговиот моментум е постојан со преполн распоред на распродадени концерти ширум светот“, посочуваат организаторите, дополнувајќи дека Roni Size доаѓа како хедлајнер на Electronic Beats Stage.

Понатаму, на фестивалот доаѓа Xenia, окарактеризирана како „извонредна киевска уметница која лани заносно ја освои публиката на Д Фестивал, па сега враќа нa голема сцена предводејќи ја техно програмата на Electronic Beats Stage“.

„Нејзиниот талент добива признание дури и од самиот великан Carl Cox на чија покана таа настапува на славните ‘Carl Cox Invites’ журки во мадридскиот Fabrik, а со одличниот музички вкус и техника, со импресивниот шарм и неспоредлива енергија, Xenia веќе одамна брои милиони прегледи на нејзините видеа и се има истакнато како една од најмладите и влијателни уметници со неверојатен подем на глобалната сцена“, соопштува организаторот.

За Паркети, велат дека деценија по панк револуцијата, тие во вистински момент стапија на домашната музичка сцена кога се чинеше дека сѐ е веќе слушнато и видено.

„Со специфичен звук кој лесно ги издвојува, тие за брзо време прераснаа во еден од најголемите фаворити на публиката. Секогаш ексцентрични и спремни да приредат откачен концерт, ова лето ни се придружуваат на ‘Д Фестивал’ во програмата на Mosquito Stage со настап кој дефинитивно ќе ја отслика најфестивалската атмосфера!“, стои во најавата.

Исто така, доаѓа и HyperTech. Од своите почетоци кон крајот на 90-тите години, Димитар Ризов aka HyperTech е име кое има заслужено важно место на домашната драм ен бејс сцена.

„Како еден од основачите на колективите BTKRSH и Funky Fresh, клупската вечер „Ехо од Далечното Минато“ а исто така дел од колективот D2 и првата драм енд бејс емисија во Македонија „Течна Кујна“, тоj постојано е активен и во подвиг за нов пресврт во музиката“, соопштуваат од „Пасворд“.

Инаку, на фестивалот досега меѓу другите се најавени и раперите „Оникс“, култните треш-металци „Креатор“, грчкиот рок-бенд „1000Mods“, псај-техно диџејката Индира Паганото, раперката Мими Мерцедез, пејачката Алина Паш, инди-рокерите „КОИКОИ“, потоа домашни бендови како „Peach Vice“, „Смат“, „Red18“, „Вижнери“ и „Фанк Шуи“, исто така уметницата Зарина Првасевда, составот „Баклава“ итн.

Билети и повеќе инфо за фестивалот се достапни на www.dfestival.mk.