Нова школска година во стари и дотраени училишта

Нова школска година во стари и дотраени училишта

Новата школска година започна, но некои од основните и средните училишта низ земјава и натаму се мачат со старите проблеми. Додека некои објекти се реновираат и добиваат нови спортски сали и компјутери, други немаат простор каде да ја одржуваат наставата, објави Радио Слободна Европа.

Таков е примерот со училиштето во пелагониското село Долно Српци, каде наместо децата на први септември да седнат во училишните клупи, тие излегоа на протести. Училиштето кое изгоре во пожар во февруари годинава сè уште не е реновирано. Во меѓувреме, учениците се принудени да учат во селска заграда во импровизирани школски услови. Родителите и децата се жалат на лошите услови.

„Нема никакви услови, нема ни тоалет, ни вода, штиците се дотраени и пред кршење“, рече ученичката Сара Ристовска.

„Толку месеци од кога е запалено училиштето, никој нема дојдено. Кога можело во едно мариовско село за две деца школо направија, а кај нас остана запаленото училиште“, изјави родителот Трајче Вељанчевски.

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски изјави дека Владата ќе го исполни ветувањето за повторна изградба на училиштето во Српци, но дека е потребно време, за да се увиди состојбата.

Додека некои од учениците немаат каде да посетуваат настава, други учат во мизерни услови. Таков е случајот со училиштето во битолското село Крклино. Децата се принудени да учат во објект стар 70 години, кој има глувци, мириса на мувла и има покрив што прокиснува и ѕидови пред распаѓање. Родителите велат дека условите во училиштето се катастрофални.

„Штиците на подот се премачкани со прегорено масло, внатре мириса на мувла, а детето ми вели дека глувци има во шкафчињата каде што ги чуваат книгите. Децата се плашат да влезат во училница“.

„Овде учат 20 деца, а нема никакви услови. Наоколу е змијарник, а можеби и внатре има змии“, велат родителите.

Битолскиот градоначалник, Владимир Талески изјави дека Министерството за образование било во потрага по фирма која ќе го гради училиштето, затоа што претходната лошо ги изведувала работите.

Во медиумите имаше и други примери. Дел од учениците во основното училиште „Братство Миѓени“ се принудени наставата да ја следат и во подрумски простории. Во тетовската гимназија „Кирил Пејчинович“ исто така нема соодветни услови за средношколците.

Во основното училиште во велешко Башино Село децата одат во тоалет кој се наоѓаат во дворот на објектот. Министерот Ристовски на почетокот на школската година изјави дека биле завршени најголем дел од активностите предвидени за нормално функционирање на наставата во училиштата низ земјата.

Целата анализа прочитајте ја на следниот линк.