„Нова историја“ – По 65 години лидерите на Северна и Јужна Кореја ја преминаа границата

Првите луѓе на Северна и Јужна Кореја ветија „ново поглавје“ во проблематичната историја на нивниот полуостров на почетокот на средбата на која се очекува решение за нуклеарните и балистичките ракетни програми на Пјонгјанг.

Утрово, севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун и неговиот јужнокорејски колега, Мун Џае-ин, го преминаа симболичниот бетонски праг која ги разграничува двете држави и се ракуваа повеќе од 20 секунди.

По размена на неколку зборови и широки насмевки, Ким стана првиот севернокорејски лидер кој стапнал на територија на Јужна Кореја раздвоена со демаркациската линија од крајот на Корејската војна, водена во периодот од 1950 до 1953 година, пред очите на функционерите од двете држави и пред милиони гледачи во директниот телевизиски пренос.

Потоа следуваше и првиот неисцениран момент, кога Ким сугерира на Мун да зачекорат и на територијата на Северна Кореја, по што јужнокорејскиот претседател, според медиумите, го прашал: „Кога ќе можам да го посетам Северот?“.

На првичната затворена средба, Ким му кажал на Мун дека повеќе „нема да ве будиме наутро“ со балистичките ракетни тестови, додека Мун изјавил дека имале „многу добра дискусија“, пишува Гардијан.

Во „Куќата на мирот“, каде се одржала средбата, Ким наводно во книгата на гости напишал „Новата историја започнува отсега, историски почеток на ера на мир“.

Несекојдневен момент беше начинот на кој по првичната средба, Ким Јонг-ун се врати во Северна Кореја за ручек. Тој во својата лимузина беше следен од 12 телохранители кои трчаа околу возилото.

Разговорите меѓу двете држави треба да продолжат попладнево.