Нов Зеланд сака да воведе бегалска виза за жртви на климатските промени

Новата влада на Нов Зеланд ќе одлучува дали да воведе посебна категорија на визи која ќе помогне да се преселат народите од Пацификот кои се раселени поради катастрофи предизвикани од климатските промени.

Новата категорија ќе ја официјализира предизборната кампања на Зелената партија, која вети 100 визи за оние кои најмногу пателе од климатските промени.

Како дел од новата влада водена од Лабуристите, лидерот на Зелената партија Џејмс Шо стана министер за климатски промени.

За Радио Нов Зеланд изјави дека „експериментарна хуманитарна виза“ ќе се имплементира за луѓето од Пацификот, кои се раселени поради порастот на морските нивоа како резултат на климатските промени.

„Тоа е работа која планираме да ја спроведеме во партнерство со островите во Тихиот Океан“, вели Шо.

Пред изборите, Зелените предложија и да ја зголемат квотата на прифаќање на бегалци во Нов Зеланд од 750 на 4.000 годишно, во наредните шест години.

Шо ја објави одлуката откако трибуналот за имиграција и заштита на Нов Зеланд одби две семејства од Тувалу, кои аплицирале да станат азиланти во Нов Зеланд поради влијанието на климатските промени.

Семејствата сметаат дека растечките морски нивоа, недостатокот од пристап до чиста и санитарна вода за пиење, како и високата стапка на невработеност на Тувалу, се причините поради кои тие бараат азил.

Трибуналот одлучил дека нема ризик да бидат гонети по раса, религија, националност или членство во политичка или религиозна група, според Конвенцијата за бегалци од 1951 година.

Алберто Кости, експерт за интернационално еколошко право од Универзитетот на Викторија, вели дека според моменталната конвенција, еколошките бегалци не можат да добијат азил.

„Условите се прилично строги и се однесуваат само на гонење. Овие луѓе кои пристигнуваат тука со надеж да побараат азил поради еколошки причини, мора да се вратат во своите родни земји“.

„Имам сочувство, но легално ова создава голема дебата. Мора да има појасни услови. Сепак, тоа е идеја која може да се истражува и доработува“, смета Кости.