Нов Зеланд прогласи вонредна климатска состојба

Владата на Нов Зеланд денеска прогласи вонредна климатска состојба, симболичен чекор со кој државата ги препознава предвидувањата на Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) за глобалното затоплување, кои би се исполниле доколку не се намалат емисиите на јаглероден диоксид, пишува „Дојче веле“.

Заедно со декларацијата, Нов Зеланд објави дека ќе бара од јавниот сектор да стане јаглерод неутрален до 2025 година. Владините агенции ќе треба да ги мерат, пријавуваат и неутрализираат емисиите на јаглероден диоксид.

„Јавниот сектор треба да биде и ќе биде пример што го поставува стандардот што сите треба да го постигнеме до 2050 година“, рече премиерката Џасинда Ардерн пред парламентот во Велингтон.

„Ова е научна декларација“, додаде Ардерн, додавајќи дека потегот е „признание за следната генерација… за товарот што ќе го понесат ако не преземеме акција сега“.

Програмата за декарбонизација на државата е поддржана со финансиски средства од 117 милиони евра и ги обврзува владините агенции да користат екетрични возила, но и поставува зелен стандард за јавните згради.

Прогласувањето на ваквата состојба, сепак, доаѓа без нови законски овластувања и финансии, што го прави овој потег чисто симболичен.

Триесет и две земји, вклучувајќи ги Јапонија, Канада, Франција и Велика Британија веќе прогласија вонредна климатска состојба. Со тоа, тие укажаа дека владите ги препознаваат климатските промени како егзистенцијална закана што бара итни мерки како одговор.

Научниците и климатските активисти пак, продолжуваат да предупредуваат дека не се прави доволно од страна на владите за да се исполни целта на Парискиот климатски договор.