Нов модел против невработеноста кај младите во Германија

Од училиште на работа – овој премин на многу млади Германци им паѓа тешко. Хамбург разви модел кој им помага на младите на пазарот на трудот. Се работи за Агенција за вработување на младите, јавува Дојче веле.

„Кај мене по завршување на училиштето некои работи тргнаа наопаку“, објаснува младиот жител на Хамбург Кевин Лос додека зашрафува делови на еден камион. Сопственикот на возилото го скршил страничниот ретровизор. Кевин треба сега него да го поправи. Тој е веќе во првата година од обуката.

Кевин има 20 години. На негова возраст други млади луѓе веќе одамна го имаат завршено учењето. Тој започнал и втора обука во минатата година, но потоа ја прекина. „Не се одвиваше како што си замислив“, вели тој. Со месеци момчето кое има матурирано било без работа и пишувало една по друга пријава за работно место. „За мене беше многу тешко да застанам на стабилни нозе“, се сеќава тој.

Од пред речиси една година Кевин се обучува за мехатроничар на комерцијални возила во една хамбуршка фирма. Тој поправа камиони, но и други големи превозни средства.

„За оваа работа јас не сонувам“, додава 20-годишникот. Порадо тој би работел во металната индустрија или како електричар, но сепак е задоволен и од оваа практична работа.

Тоа што Кевин нашол место за обука треба да и’ заблагодари на Агенцијата за вработување млади лица. Моделот во Германија е сосема нов. Агенцијата се грижи исклучиво за лицата до 25-годишна возраст. Таа за првпат е отворена пред две години во Хамбург.

„Што требам да станам?“

„Никој не треба да се загуби – сите се потребни“, така е слоганот на Агенцијата за вработување млади луѓе. Таа сака да им помогне на учениците од деветти и десетти клас, како и на матурантите да се ориентираат на пазарот на труд, бидејќи многу млади луѓе воопшто не се сигурни која професија е вистинска за нив, објаснува Душан Ѓордан од оваа агенција во Хамбург. Најголем дел од лицата размислуваат што ќе работат дури многу подоцна откако ќе го завршат училиштето. За барање соодветно работно место често тогаш е веќе предоцна.

Официјалните бројки го потврдуваат овој проблем. Во Германија невработеноста меѓу младите под 25-годишна возраст изнесува речиси 8 проценти. Во споредба со европските соседни земји Германија во тој поглед има ниска стапка на невработеност меѓу младите. Во Грција повеќе од секој втор млад е без работа. Како и да е, на младите луѓе им паѓа многу тешко преминот училиште и стручна обука. Половина од невработените млади во Германија немаат завршено стручно образование.

Ново со оваа агенција е што тука вработените од различни институции работат заеднички – советници за барање работа, социјални работници и вработени во образовни институции. Всушност тие таму ја работат работата што од секогаш ја правеле, но тука тие можат побрзо да се погрижат за младите луѓе.

„Претходно често ги губевме младите луѓе. Ги испраќавме од една во друга институција и на крајот веќе не знаевме ништо за тоа дали тамо воопшто дошле“, објаснува Душан Ѓордан.

Сега различни службеници седат еден покрај друг на ист спрат, па младите можат одеднаш да решат повеќе проблеми. Вработените не помагаат само при барањето работа, туку и при проблеми со домувањето, финансиски потешкотии или домашни проблеми.

Ваквиот модел веќе ги покажа првите успеси – 14.000 млади лица ја искористиле понудата во минатата година. На речиси 6.000 од нив агенцијата можеше да им најде работа. Затоа вакви агенции наскоро треба да има низ цела Германија, па веројатно дури и надвор од нејзините граници, бидејќи заинтересирани има доволно. Заинтересираните не се само од кризните евроземји, како Грција или Шпанија, каде што невработеноста меѓу младите е многу висока, туку и од Шведска или Холандија.

Извор: Дојче веле