Истражувачи од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Пенсилванија и од Харвард развиле систем со ултратенка, проводлива мрежа вградена во ткиво на панкреас во развој.
Оваа мрежа испраќа контролирани електрични импулси и ги следи сигналите на клетките, помагајќи им да созреат и правилно да реагираат на шеќерот во крвта.
Кај дијабетес тип 1, имуниот систем ги уништува Лангерхансовите островца – клетките што произведуваат инсулин. Трансплантацијата на панкреас или островца е можна, но донорско ткиво има малку, а пациентите мора доживотно да примаат имуносупресиви. Лабораториски создаденото ткиво би можело да ги надмине овие ограничувања.
Со воведување природен 24-часовен циркадијален ритам во електричната активност, научниците успеале да ги поттикнат клетките подобро да се развијат и синхронизирано да лачат хормони во вистинско време. По неколку дена стимулација, клетките продолжиле самостојно да го одржуваат ритамот.
Овој „кибернетски“ пристап нуди две можни решенија: клетките да се стимулираат пред трансплантација, или мрежата да остане во телото за следење и дополнителна стимулација. Во иднина, вакви системи би можеле да бидат управувани и со вештачка интелигенција, со минимална човечка интервенција.
Истражувањето претставува чекор напред кон поефикасни и подостапни клеточни терапии за дијабетес.
Извор: EurekAlert / Freepik



