Ноќна Критична Маса #87: „Бараме мерки за ноќните ѕверки!“

„НаТочак“ ја организира 87 ноќна „Критична Маса“ под мотото „Бараме мерки за ноќните ѕверки!“ во среда, на 28 јули. Критичната маса ќе биде извозена во име на сите жртви на сообраќајните насилници, а ќе се бараат и мерки за мирни ноќи, без бучава и турирање, безбедни улици и безбедно движење за сите.

Собирањето за „Критична“ маса ќе започне во 21 часот на Плоштадот „Македонија“.

Од „НаТочак“ велат дека ќе биде поставен и бел точак за спомен  на Билаљ Љамалари, велосипедист кој починал кога со автомобил бил удрен на булеварот „Кочо Рацин“.

Оттаму истакнуваат дека за (не)безбедноста на возењето точак и пешачењето во Скопје говорат вестите од изминатите недели кои се исполнети со жртви од скопските улици.
„НаТочак“ посочуваат дека овој месец во државава на двајца велосипедисти им беше одземен животот, едниот во центарот на Скопје, а другиот на регионален пат (Гостивар-Кичево). Загинаа и двајца пешаци во Скопје, а има и неколку повредени.

„Според статистика на МВР од почетокот на годинава на подрачјето на Скопје имало 116 сообраќајки со велосипедисти од кои три се со смртни последици, 15 со тешки телесни повреди, во 63 сообраќајки жртвите се здобиле со телесни повреди и 35 со материјална штета. Поради ова сите кои возиме точак низ градот сме научени да бидеме екстра внимателни, да ги вклучуваме сите сетила на максимум и да внимаваме доволно и за нас и за возачите на автомобилите. Како што тече денот, оваа будност станува многу поголема. Ако преку ден возиме со отворени 4 очи, тогаш навечер возиме со 400 бидејќи состојбата е далеку понебезбедна“, велат од иницијативата.

Од „НаТочак“ бараат системско решавање на проблемите со безбедноста во сообраќајот. Велат дека за внатрешноста на населените места потребна е инфраструктура која ќе пропушта автомобилски сообраќај со намалена брзина. Инфраструктурата треба да биде побезбедна за оние што се поранливи, а на прво место да ги стави најранливите учесници и да го направи нивниот пат најбезбеден и пријатен.

„Многубројните сообраќајки (судири или удари) и условите кои бараат екстремна снаодливост и вештини дополнително негативно влијаат на одлуката луѓето да користат точакот како превозно средство бидејќи се чувствуваат небезбедни. Само најхрабрите се одлучуваат да се качат на точак, додека децата, родителите со деца, постарите граѓани, лицата со посебни потреби (кои би можеле да користат специјални велосипеди) поради степенот на загрозеност го немаат изборот да се движат на точак. Сите акции и кампањи за подигање на свеста за совесно возење автомобил кои се борат со овој проблем треба да имаат позадина која и физички ќе го наложи тоа, односно соодветна инфраструктура, а потоа и редовно контролирање и соодветно и сериозно казнување на прекршоците“, забележуваат оттаму.

Областите каде од „НаТочак“ сметаат дека треба да се преземат мерки за борба против ноќните и денските ѕверки се инфраструктурата, сигнализацијата, Обвинителството и судот, но и медиумите.

  •  Инфраструктура за посакуваното однесување во сообраќајот (Ако сакаме побезбедно однесување, мора да создаваме инфраструктура која се грижи за сите учесници и ги смирува најопасните преку: стеснување коловози и ленти, намалување радиуси на вртење, ослободување на тротоари, заштитни острови на крстосници, острови за преминување на секоја улица поширока од две ленти, издигнати пешачки премини, микро кружни текови, шикани, воведување велосипедски патеки и ленти, патни диети, проширување на тротоари и пешачки острови, воведување Зона 30 на сите улици кои не се булевари)
  •  Сигнализација (Семафорски систем прилагоден на потребите на најранливите, а не на заштитените во возилата, укинување на слободното десно кое се сфаќа како слободно минување низ пешаци, улична осветленост која помага за поголема видливост ноќе)
    3. Полиција (Системот на казнување треба да се направи полесен да се спроведува масовно и редовно, а не кампањски, некои типови казни треба да може да ги пишува комунална полиција – пр. непрописно паркирање, а за некои да се користи системот камери, пр. брзо возење и сл.; Полицијата да стави акцент на заштита на ранливите учесници во сообраќајот и на казнување на најтешките дела како брзо возење)
  •  Обвинителство и суд (Праведно квалификување на злоделата во сообраќајот. Прекршувањето на правилата без оглед дали е при управување на 2-тонско возило или оружје не смее да се толерира, зашто управувањето со двете може да доведе до општа опасност. Следствено, во правниот систем треба да престане небезбедното однесување во сообраќај да се третира привилегирано, како немарност, туку како обид за убиство. Условни казни и неколку месеци казни за сторители кои прекршиле сообраќајни правила и убиле луѓе се недозволиви.)
  • Новинари и јавност – (Да се трудиме да ни ги користиме веќе термините „несреќи” и „незгоди” и со тоа да ги сведуваат сообраќајките на „виша сила“ или „работи кои е нормално да се случуваат“. Истражувањата покажуваат дека најголем дел од сообраќајните судири или удари можеле да се спречат, а оние кои сепак ќе се случат да бидат со минимални последици. Користењето на термини како „несреќа“ го изземаат од одговорност и возачот, а и системот. Доколку не можеме да користиме термини како „убиство во сообраќај“ (за што треба да одлучи суд), можеме барем да користиме неутрални термини како сообраќаен судир или удар каде има барем има активни чинители, за разлика од терминот “несреќа“ каде никој не е крив)