Во петокот се случи иницијативна средба за формирање Национално собрание на млади, во согласност со Законот за младинско учество и младински политики, или познат како Закон за млади.
Од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) информираат дека на средбата присуствуваа 40 младински организации, претставници на Владата, Министерството за социјална политика, демографија и млади и меѓународни организации.
Се дискутирало за моменталната состојба и предизвиците во сферата на младинското учество, а се дефинирале и конкретни чекори и нивна динамика.
„Како резултат на оваа средба младинските организации потпишаа декларација со која ги потврдуваат заедничките заложби за формирање на функционални механизми за младинско учество и конкретно – Националното собрание на млади“, велат од НМСМ, посочувајќи дека за оваа намена очекуваат наскоро координативно тело што ќе ги организира идните чекори.
Во однос на Националното собрание за млади, претходно биле побарани изјави за да се приклучат во него сите младински организации и мрежи што се водат во регистарот.
„За жал и покрај безбројните обиди за контакт и барања за состаноци, успеавме да добиеме поддршка од само 67 организации од вкупно регистрирани 114, што не е доволно за да се исполни оној законски минимум од 2/3, односно 76 организации“, нагласуваат од НМСМ.
Според НМСМ, ова само го потврдува фактот дека младинското организирање е променлива форма и ја акцентира потребата од итно и редовно ажурирање на регистарот на младински организации, со цел, како што велат, да се надминат овие предизвици, особено да се создадат механизми за младинско учество на локално и национално ниво.
„Националното собрание на млади и Националното советодавно тело претставуваат загарантиран простор во кој младите и младинските организации можат да влијаат на политиките и да придонесат кон креирање на програми кои одговараат на нивните реални потреби. За да придонесе кон овој процес, покрај измените и дополнувањата на Законот кои беа доставени годинава до Собранието, НМСМ изготви и прирачници за воспоставување и работење на двете тела“, изјави Мариана Ангелова, генерален секретар на НМСМ.
Поради закоченоста на Националното собрание на млади, здружените организации периодов бараа обврската за негово свикување да се пренесе директно на ресорниот министер за млади. Дополнително, седница да може да се свика и на иницијатива на една половина од регистрираните организации.
Генерално за Законот за млади, кој од 2020 досега се спроведува бавно и минимално, како клучна измена е воведувањето систем на одговорност. Новината би донела глоба од 1.000 евра за градоначалник кој нема да формира канцеларија за млади, нема да назначи службеник за млади или нема да иницира формирање на младински центар.
Со ова, идејата е да се затвори законската „дупка“ која досега овозможуваше неисполнување на обврските, како на пример податокот што до крај на 2024 година, локални младински совети имаше само во 28 општини, што е 34% од цела Македонија. Тоа, пак, е за 7% или 6 општини помалку во споредба со состојбата на почетокот на ланската година. Дополнително, само 9 општини имаат младински центри.
Според измените, основањето на младинските центри станува директна обврска на општините, а организацијата која ќе раководи со нив ќе се избира преку јавен повик. Треба да се стави ред и во делот на финансиите. Законски определените 0,3% од државниот буџет ќе се слеваат во наменска „Програма за млади“, која ќе ја носи Владата. Ова треба да обезбеди транспарентно и насочено користење на парите за младите.
Се утврдува и обврската за работно место Службеник за млади во сите општини со над 20.000 жители, како и неговите работни задачи.
Инаку, последната иницијативна средба беше дел од проектот „Функционални механизми за младинско учество на национално ниво“ поддржан со грант Национална интервенција на регионалниот проект „СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.
Бојан Шашевски
Фото: НМСМ