НМСМ: Стратегијата за млади не може да се спроведе без пари, план и младите

Во пресрет на усвоената Национална стратегија за млади 2016-2025 на 02.02.2016  од страна на техничката влада на Р.Македонија, и по споделениот став на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) на 16.02.2016 во однос на истата, започна процес на креирање акциски планови, но истиот не е отворен и достапен за сите кои би сакале да се вклучат и да дадат придонес во креирањето на документите со кои стратегијата би била сеопфатен и целосен документ.

Националниот младински совет на Македонија ја повикува Агенцијата за млади и спорт итно да отпочне инклузивен и транспарентен процес на подготвка на акцискиот план, план за мониторинг и буџетска рамка за Националната стратегија за млади и да ги вклучи младинските организации во креирањето.

Соопштението на Советот го пренесуваме во целост:

„Националната стратегија за млади 2016-2025 е најзначаниот документ за иднината на младите во Македонија. Токму затоа посочуваме дека за да не се повторат искуствата од минатата стратегија која доби незначително внимание и спроведување, овој документ мора да се комплетира во соработка со младите за вистински да има услови да се спроведе, наместо само декларативно да се става приоритет на младите без акција.

Стратегијата чија важност почнува од 2016 година е веќе усвоена, а иако годината е во тек нема план за нејзино спроведување. Без квалитен акциски план не може да се почне со реализација. Апелираме АМС итно и без одложување да отпочне инклузивен и транспарентен процес на креирање акциски план. Загрижени сме што креирањето на планот е започнато пред неколку дена, а учеството на младите се остварува преку селективно канење само на дел од младинските организации, при што изоставен е Националниот младински совет.

На повеќе наврати различни организации потенцираа дека за да се покаже дека има политичка волја да се спроведе стратегијата мора за неа да има буџет, а оваа стратегија е донесена без буџет. Овој страв се потврдува и со отстранувањето на терминот „средства од државен буџет“ од финалниот текст на стратегијата. Без одвојување значајни ресурси за спроведување на оваа политика институциите не покажуваат дека имаат искрена намера да ги стават младите во фокусот и да одвојат јавни средства и лоцираат нови фондови за да им го подобрат животот. Бараме итно да се пристапи кон креирање буџетска рамка, и да се предвидат средства во државниот буџет за спроведување на стратегијата. НМСМ ги става на располагање своите капацитети за заедно со Агенцијата за млади и спорт да лобира за алоцирање буџетски средства пред Владата и Министерството за финансии.

За еден стратешки документ за јавна политика да може да се оцени како квалитен потребно е да има план за мониторинг. Иако стратегијата го најавува овој план тој не е креиран. Без ваков документ, нема да може да се оцени дали и како се спроведува стратегијата ниту пак таа да се евалуира. Инсистираме да се пристапи итно кон креирање на Планот за мониторинг и следење на спроведувањето на стратегијата, во координација со младински организации, експерти и институции.

Институциите и невладините организации изразија загриженост до АМС и сакаме да потенцираме дека е неопходно јасно да се дефинираат надлежностите за спроведување на стратегијата.

Би сакале да ја потсетиме Агецијата дека во изготвувањето на новата стратегија активен придонес дадоа претставници на голем дел од членките и работните тела на НМСМ. Сметаме дека ова е доказ за нашите капацитети и подготвеност да учествуваме во понатамошната изработка на правните и финансиските документи кои произлегуваат од највисокиот правен акт за млади во нашата земја, Националната стратегија за млади 2016-2025.

Посочуваме дека Агенцијата за млади и спорт со стратегијата и придружните документи треба да го признае Националниот младински совет кој го сочинуваат 67 младински организации, организации за млади, сојузи и подмладоци – како претставничко тело за млади кое ќе го вклучи во носењето одлуки и спроведување активности за млади. НМСМ е единствена национална организација од Македонија која е членка на Европскиот младински форум, највисокото претставничко тело за млади во Европа. Оваа препорака не доаѓа само од НМСМ, туку и од Европскиот парламент кој истото го посочи во резолуција за Македонија. Уште еднаш, потсетуваме дека стоиме на располагање на АМС за соработка и поддршка.

Во период на политичка криза, апелираме до сите засегнати страни да не се занемари носењето на најзначајниот документ за младите. Укажуваме пред сѐ до АМС, но и останатите институции кои учествуваат во стратегијата и меѓународните организации кои ја поддржаа да не се дозволи ова да биде уште еден документ кој нема да се спроведува, а ќе се користи како изговор дека државата работи за младите. Бараме отпочнатиот процес за изработка на акциски план да се отвори за оние кои сакаат да учествуваат, со што би се запазиле вредностите на инклузивност и транспарентност, и што поскоро да се започне со креирање на план за мониторинг и буџетска рамка.

Доколку од Агенцијата за млади и спорт не наидеме на простор за средба и соработка, потенцираме дека тоа ќе биде сериозен чекор кон игнорирање на голем број организации, сојузи на млади и политички подмладоци, препораките на европските тела и интересите на младите во земјата, а Агенцијата ќе придонесе довербата на младите кон институциите да биде сериозно нарушена“.