НМХТ: Најстрого го осудуваме нападот на активистот Беким Асани

Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија (НМХТ) најостро го осуди нападот на активистот Беким Асани кој се случи вчеравечер во Тетово.

Оттаму пренесуваат дека околу 18.00 часот вчера, на 200 метри од канцеларијата на невладината организација „ЛГБТ Јунајтед“ од Тетово, активистот Асани бил нападнат од две лица кои му нанеле повреди во пределот на лицето.

„НМХТ го повикува Министерството за внатрешни работи итно да преземе мерки за расчистување на случајот и санкционирање на делата од омраза со цел идна превенција од насилство и гаранција за достоинствен и безбеден живот за сите.
НМХТ потсетува дека човековите права на ЛГБТИ луѓето се еднакво важни како правата на сите други луѓе во нашето општество и верува дека институциите на системот во овој случај нема да ги игнорираат делата од омраза и насилствата врз ЛГБТИ луѓето и активистите за ЛГБТИ права“, известуваат од мрежата.