Њу Делхи за возилата воведе пар-непар во борбата против загадувањето

Во индискиот главен град Њу Делхи поради енермното загадување вчера беа пренасочувани летовите, веќе се запрени градежни работи, а денеска се воведува и мерката пар-непар за возилата во метрополата.

Индиската престолнина истата мерка ја воведе и во 2016-та и во 2017 та година, но не е познато дали и колку таа влијаеше на намалување на загадувањето.

Според пресметките на локалните власти, од сообраќај дневно треба да бидат исклучени 1,2 милиони регистрирани возила, во текот на двонеделното ограничување.

Казната за непочитување на ваквиот сообраќаен режим е 56 долари.

Изминатите денови, воздухот во Делхи достигна опасно ниво на загадување и до 20 пати над дозволеното, предизвикувајќи респираторни заболувања кај граѓаните.

Градските власти ги советуваа жителите да останат во своите домови, ги затворија училиштата и поделија над пет милиони маски.

Според „Гринпис“, Њу Делхи е рангиран меѓу десетте најзагадени градови во светот. Седум од десетте такви градови со најзагаден воздух се во Индија.