Повеќето универзитети во Македонија не ги објавуваат документите што законски треба да бидат достапни. Само околу 30% објавуваат универзитетскиот гласник, три од седум својот годишен буџет, додека финансиското работење нередовно се ажурира. Ниту еден универзитет не е целосно транспарентен, покажа последното истражување на Форумот за образовни промени (ФОП).
Од Форумот посочуваат дека транспарентноста на јавните универзитети претставува клучен предуслов за добро управување и за обезбедување квалитет во високото образование. Бидејќи овие институции се финансираат од јавниот буџет, велат од ФОП, тие имаат законска и морална обврска да бидат отворени, отчетни и да обезбедуваат еднаков пристап до информации за студентите, вработените и јавноста.
„Недостигот на транспарентност значи недостиг на отчетност и го нарушува довербата во образовните институции, додека целосната транспарентност го зајакнува интегритетот, ефикасноста и квалитетот на високото образование“, нагласуваат од ФОП.
Оттука, објаснуваат, Индексот на транспарентност е резултат на истражувачки процес спроведен од јануари до август 2025 година, при што е правена анализа на содржините објавени на официјалните веб-страници на јавните универзитети и нивните факултети, како и тестирање на механизмот „Барање за пристап до информации од јавен карактер“.

Извор: Транспарентност на јавните универзитети во Северна Македонија, издавач ФОП
Како најтранспарентни универзитети во Македонија – иако се водат како „средно транспарентни“ – се Универзитетот на Југоисточна Европа, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) – Скопје и Универзитет „Гоце Делчев“ (УГД) – Штип.
Според ФОП, високите оценки на овие универзитети се должи на добрата организираност и поставеност на информациите на нивните веб-страни. Особено во случајот на најстариот и најголем – УКИМ – од кој од неодамна има нова веб-страна, што според истражувачите овозможува поголема прегледност и транспарентност на информациите.
„Во случајот на УГД – Штип и Универзитетот на Југоисточна Европа е нивното високо ниво на дигитализација што овозможува навремено ажурирање на податоци и објавување на истите во соодветен формат. Истите овие универзитети испратија одговор на барањето за слободен пристап на информации од јавен карактер, испратено во законски определениот рок“, нагласуваат од ФОП.
Најмалку поени за транспарентност има Универзитетот во Тетово. Овој универзитет, посочуваат истражувачите, воглавно има објавено минимум информации што би биле потребни за негово нормално функционирање, односно годишните конкурси за упис на нови студенти.
„Во однос на другите категории, особено во делот на финансиското работење, универзитетот нема објавено информации, иако има одвоени делови на веб-страната“, стои како забелешка.
Универзитетите поретко ги објавуваат и ажурират своите јавни гласила. Според универзитетските статути, токму преку јавни гласила се официјализират одлуките. Најчесто имат два вида гласила – универзитетски гласник и универзитетски билтен.
ФОП нагласува, само 2 од 7 јавни универзитети го објавуваат универзитетскиот гласник, документ што претставува клучен елемент за институционалната транспарентност, бидејќи во него се објавуваат одлуките, актите и подзаконските акти што ги донесуваат универзитетските тела.
„Како официјални документи на универзитет потребно е истите да бидат јавно достапни со цел истите да бидат полесно достапни на засегнати страни во рамки на универзитетот, но и пристапни за целата јавност. Истата ситуација се однесува и на записниците од сенатот и ректорската управа“, забележуваат истражувачите.

Финансиското работење на универзитетите не се ажурира редовно и најчесто се објавува во форма тешко достапна за јавноста. Како институции кои се финансираат од буџетот на Македонија, нагласува ФОП, тие имаат обврска да обезбедат отчетност и транспарентност во начинот на трошење на јавните средства.
Воедно, само 3 од 7 јавни и јавни-приватни универзитети го објавуваат својот годишен буџет, додека останатите не овозможуваат пристап до овој основен документ за финансиска транспарентност.
„Во однос на другите финансиски документи, универзитетите и факултетите ги објавуваат во различен обем: кај дел од нив недостигаат планот и годишниот буџет за јавни набавки, додека повеќето имаат објавено завршни годишни сметки. Дел од универзитетите што објавуваат информации за јавните набавки го прават тоа преку интегриран прозорец поврзан со електронскиот систем за јавни набавки“, е друг заклучок на ФОП.
Посочуваат, во случаите кога документите се достапни, тие обично се прикачени во ПДФ формат – најчесто како скенирани официјални документи – што, иако ги исполнува формалните барања, ја ограничува нивната пристапност за пошироката јавност. Поради тоа, велат од ФОП, потребно е воспоставување на механизам за објавување на податоците во отворени и употребливи формати, со цел да се зголеми транспарентноста и јавната отчетност на високото образование.
Исто така, голем дел од факултетите немаат објавено информации за факултетското студентско собрание и заменик студентски правобранител.
„Студентските претставнички тела се предвидени во форма на факултетски студентски собранија (ФСС) според Законот за високо образование и студентскиот правобранител како институција. Така, на седум од 24 факултети на УКИМ, шест од 11 факултети на УКЛО, 14 од 15 факултети на УГД немаат објавено информации за ФСС и заменикот студентски правобранител“, потенцираат од Форумот.
Како генерални заклучоци и препораки е потребата за поголема финансиска транспарентност на универзитетите и факултетите. Потоа зголемување на видливоста на студентските претставнички тела, понатаму систематизација на документите кои произлегуваат од работата на институциите, исто така зголемена транспарентност во однос на научноистражувачката работа на институцијата, да има и зголемена транспарентност за можностите за студенти во однос на пракси и мобилности и работа со центрите за кариера, како и редовно ажурирање на веб страните.
Бојан Шашевски



