Никола Коџaбашија направи музика за британската „Злосторство и казна“

Најновата сценско/музичка поставка под наслов „Злосторство и казна“ според истоимениот роман на Достоевски, на наградуваниот креативен тим од Британија – Доминк Хил, Крис Хана, Колин Ричмонд и македонскиот композитор Никола Коџабашија кој живее во Лондон, наскоро ќе ја доживее својата премиера.

Никола Коџaбашија направи музика за британската „Злосторство и казна“

Од 7 до 28 септември ќе се игра во Градскиот Театар Глазгов, а потоа и во Ливерпул Плејхаус, Ројал Лисеум Театрот во Единбург, како и на големата сцена во Лондонскиот Барбикан Центар. Се работи за поставка која, како што велат авторите, се обраќа со јазикот на апсолутниот театар и музичката сцена. Партитурата е за хор и камерен оркестар, како и целосниот придружен звучен сценски пејзаж. Се’ е акустично и музиката се изведува во живо со ансамбл од десет актери/музичари. Сепак, се работи за принцип на целост и единство каде сите елементи (и музиката) се фокусирани на раскажување на оваа комплексна филозофска приказна. Во оваа верзија на „Злосторство и казна“, преку односот помеѓу главните ликови Родион и Соња, се поставуваат брутални политички и општествени прашања, се зборува за еднаквоста, религијата, моќта, сиромаштијата, моралот…

Според копродуцентите, Citz/Everuman/Lyceum, интересот за претставата е неверојатно голем. Картите во Глазгов, на пример, биле веќе распродадени пред завршувањето на пробите. Тие сметаат дека интересот е голем најверојатно поради фактот што претходното остварување на оваа авторска екипа, претставата „Тројцата мускетари и принцезата од Шпанија“, доживеала голем критички и комерцијален успех во 2010 и 2011 година и таа повторно се враќа на сцената во ноември.

Извор: Утрински весник