Независните кандидати доставија барање до институциите итно да се намали прагот за потребни потписи

Независните кандидати денеска официјално го поднесоа барањето за, како што велат, обезбедување на уставно загарантираното право за активно учество во изборите на сите граѓани, без разлика дали доаѓаат од политичка партија или независна иницијатива до Собранието и Министерството за правда.

Тие итно бараат појаснување дали во моментот е возможно кандидирање на независна листа, вклучување во работната група што ќе работи на измените, намалување на прагот за потписи на 50 лица – фер услови и за мали општини, собирање потписи и на терен, не само во Државната изборна комисија (ДИК) и продолжување на ракот за собирање.

Исто така, иницијативите бараат и почитување и видливост на независните – имињата на групите да стојат на гласачкото ливче, пристап до медиуми и увид во избирачкиот список, како и уставно загарантираното право – секој да може да се кандидира.

„Промената на прагот пред избори и неговото зголемување на 1% за Скопје значи дури 4,5 пати повеќе потписи од потребното за основање партија. Ова само покажува страв, а не демократија. Бараме европски стандарди, отвореност, плурализам и фер услови. Доста беше блокади! Граѓаните имаат право на избор – правото да се кандидираат и да одлучуваат за својата општина“, велат независните иницијативи.

Потписници на барањето доставено до институциите се: „Шанса за Центар“, „Зелен хуман град“, „Независни за Карпош“, „Поинаку“ – Битола, „Зелените“ – Гази Баба, „Подобро за Тетово“, „Стига“ – Струмица, Босилово и Ново Село.

„Продолжуваме заеднички и гласно! За фер изборни услови, достапни на сите“, поентираат тие.

Независните кандидати ја извојуваа првата битка против големите партии што се водеше во Уставниот суд