„New Candys“ и „Beam Experiment“ на 24 јануари во МКЦ

Атракцијата на прогресивната музичка сцена „New Candys“ на 24 јануари (петок) ќе настапуваат во Младински културен центар.

По „КVB“, „Moon Duo“ и „Wooden Shjips“, доаѓа состав кој ја претставува старата добра авангарда во сосема ново пакување.

Како што објави организаторот „ROTKO books & music“, „New Candys“ доаѓаат од Венеција, Италија, а се формирани во 2008 година.

Опишани како „мрачни современи рокери“, групата комбинира бучни звуци и комбинации од различни мелодии, додека прикажуваат динамична и симбиотска врска помеѓу нивната музика и прецизно направени визуелни слики. Во групата членуваат Фернандо Нути, Андреа Волпато, Алесандро Бошиеро и Дарио Лучески.

Во 2012 го издадоа првиот албум „Stars Reach The Abyss“, вториот „As Medicine“ во 2015-та, а последниот трет „Bleeding Magenta“ е од 2017 година, што им донесе на италијанците нови тури низ Австралија, Америка, Мексико, Европа, вклучувајќи заеднички настап со „The Brian Jonestown Massacre“.

Изминатава 2019 година „New Candys“ се пуштија во нова тура од 50-ина свирки низ стариот континент, САД и Канада, по разни фестивали, а имаа и свирки заесно со „The Warlocks“ and „The Dandy Warhols“. Некои од нивните теми се вклучени во епизоди на серијата „Shameless“.

Локална поддршка на настанот, односно предгрупа на гостите ќе биде „Beam Experiment“. Се работи за басистот Панде, гитаристот Кристијан и тапанарот Кристијан од „The Local Blue“, плус Ставро на гитара и Кети на терамин, што го сочинуваат овој проширен состав „Beam Experiment“.

Ова е психоделична, експериментална инструментална музичка банда која е неограничена со строги музички форми. Дечките често со импровизирање го развиваат творечкиот процес, кој резултира со нивен уникатен соничен израз.

The Local Blue“ својот втор албум „2nd Landing“ го промовираа на 18 јануари на роденденот на Младинскиот културен центар.

Настанот на 24 јануари во МКЦ е најавен од 22 часот. Влезницата е 300 денари.