Невидени поплави во Сиднеј – наредена евакуација на неколку подрачја

Големи области на најголемиот австралиски град се под вода поради обилните врнежи што предизвикаа сериозни поплави во ниските подрачја, а нивото на водата во некои предградија достигна до 1.5 метри, пренесува „Н1“.

Државната служба за итни случаи на Нов Јужен Велс ги советуваше жителите на неколку подрачја да се евакуираат, предупредувајќи дека дождот нема да престане барем до понеделник.

Медиумите јавуваат дека од почетокот на месецот во подрачјето на Сиднеј веќе наврнале четири пати повеќе дожд отколку што вообичаено паѓа во текот на целиот јули.

Австралиската метеоролошка служба предупреди дека нивото на водата во регионот би можело да се зголеми барем до нивото како што беше во март, кога големи делови од истите подрачја на градот доживеаја сериозни поплави.