Ненад Георгиевски: Програмата на Скопје синема сити ќе забавува и едуцира

„Скопје синема сити не е обичен филмски музички фестивал, тоа е подвижен музички магазин, кој покрај тоа што ќе ја забавува публиката, има за цел и да ја едуцира, вели селекторот и директор на фестивалот Ненад Георгиевски. Тој денеска ја претстави програмата на второто издание на фестивалот, кој годинава ќе трае од 1 до 4 октомври во Кинотека на Република Македонија.

Оваа година фестивалот ќе прикаже 19 филмови, од кои повеќето се во продукција на Би-би-си. Фестивалот се отвора со филмот посветен на Леонард Коен „Јас сум твојот човек“, со што продолжува традицијата од минатогодишното отворање, кога се прикажуваа филмови за Дејвид Боуви.

„Бидејќи фестивалот беше преместен од првичниот датум, поради случувањата во јуни, сите работилници врзани со одредени филмови не стигнаа да се одржат, но ќе се најдат за наредната година. Нам целта не ни е само да промовираме, туку и да оставиме некаков траг. Ние немаме натпреварувачки карактер за некаква награда, бидејќи ова се филмови коишто имаат различна година на продукција, а таму влегуваат обично оние кои се најпоследни. Најважно ми е да се направи компактна визуелна и музичка програма, која ќе има тек и склад“, рече Георгиевски.

И оваа година на програмата се наоѓаат и филмови од домашната продукција кои, за разлика од минатата година кога имаа своја македонска вечер, сега се дисперзирани низ програмата. На програмата има две фестивалски премиери „Сецко: Толку многу љубови“ на Јордан Дуков, во продукција на Тв Телма, и „Акт“, анимиран филм на Ацо Станковски, а со музика на композиторот Александар Пејовски. Овие два филма ќе бидат прикажани во блок заедно со други филмови, ним жанровски сродни: „Роберт Плант: Јас самиот“ и „Во океанот – современа класична авангардна музика“. Освен тоа, ќе биде прикажан и филмот за Вања Лазарова „Со маки сум се родила“. Дизајнот на плакатот е на Дијана Димитровска, а кратките видеа се на Марјан Гавриловски.

Во рамките на фестивалот, а како издание на издавачката куќа „Полица“, ќе се случи промоција на книгата-збирка на музички интервјуа „Музика и муабети“ на Георгиевски. Во неа на 350 страници се собрани 40 интервјуа со странски и домашни музичари. Во книгата има и ист број фотографии од реномирани домашни и странски фоторафи меѓу кои Жига Коритник, Тим Дикинсон, Татјана Ранташа и Димитар Петровски. Уредник на книгата е новинарот Михајло Грбески, а предговорот е напишан од Влатко Стефановски. Книгата на денот на промоцијата ќе се продава по 350 денари, а во редовна продажба ќе изнесува 500 ден.

„Со Ненад имавме одлична соработка. Станува збор за дело коешто има огромно богатство, на некој ачин е авантура на Ненад, за сето тоа време додека ги собирал тие муабети. Многу е значаен фактот што муабетел со голем број лица кои се значајни во областа на музиката и сите тие муабети коишто ги собирал не се обични, туку се суштински, навлегол во суштината на секој оној со кој разговарал. Се надевам дека читателската публика ќе ја прими книгата со големо задоволство, бидејќи фали нешто вакво и се надевам на голем успех и понатамошна соработка“, рече Весна Костовска, лекторка на книгата и претставник на издавачката куќа „Полица“.

На денот на промоцијата, односно по настанот ќе следат бесплатни проекции на 3 филмови:„Дејвид Силвијан: Подготовки за патување“, „Влатко Стефановски- Море Сокол Свири“ и „Јас сум член на рокенрол бенд- Бендот“.

Костовска најави дека официјалната промоција на книгата ќе се одржи на 12 октомври, во кафе-бар „Излет“.

Фестивалот е во ко-организација со Кинотека на Македонија и билетите можат да се резервираат или да се купат во канцеларијата на Кинотеката, на тел. 306-5968 (09:00 – 20:00 ч). Цените на билетите се различни, во зависност од времето на прикажување на филмовите. Цената на билетот за отворањето е 150 ден., а билетите за проекциите на втори и четврти октомври, кои се одвиваат од 17 до 20 часот изнесуваат 50 денари од филм. Вечерните проекции кои започнуваат од 20 часот се со билети по 100 денари од филм.

Фестивалот е помогнат од Ажур Дооел, Радио МОФ, Канал 77, Навигаторс, Урбан ФМ, Бруклински и Pernod-Ricard (Ballantines).

Е.П.