Општина Тетово: Нема повластени патници во јавниот градски превоз, цената е според извозените километри

Цената на автобуската карта за јавен превоз во Тетово ќе чини според километрите кои автобусот ќе ги минува, а не по видот на патници кои ќе го користат овој превоз, велат од Општината.

Студенти минатата недела реагираа на ценовникот, велејќи дека е неприфатливо месечната карта за нив да чини 600 денари, додека за вработени во администрацијата 450 денари. Најавија дека ќе поднесат барање до Општината со коешто ќе се залагаат за нивно ослободување од плаќање на превозот или барем да плаќаат по симболична цена.

Студентите во Тетово лути – месечниот автобуски билет за нив ќе чини 600 денари, за административците 450

„Доколку студентите поднесат барање за намалување на цената на нивниот билет до ЈТП Тетово или до Општина Тетово се разбира дека тоа барање ќе биде ставено на разгледување до органите на Јавното транспортно претпријатие и доколку тие позитивно се произнесат  цената ќе се корегира со повторување дека истата е формирана по километар, а не по видот на патниците кои ќе го користат овој превоз“, одговорија од Општина Тетово за Радио МОФ.

Оттаму појаснуваат дека цената за едно возење изнесува 20 денари, а се однесува за 4 километри линиски правец. Автобусите ќе возат само на територијата на градот, а линиите дополнително ќе се утврдат откако ЈТП Тетово ќе ги заврши сите технички работи како вадење на лиценца, регистрации и сите законски административни процедури, велат од Општина Тетово.

Тие посочуваат дека автобусите ќе возат по ковид протоколите со кои е предвидено во јавниот превоз бројот на патниците да изнесува најмногу до 50% од капацитетот на возилото, при што е задолжително да бидат опремени со маски, ракавици и автобусите да се дезинфицираат.

Емилија Петреска