„Неказнивоста на убиството е закана за правдата и општеството“: Протест за кучето Феликс и сите други жртви на 15 јуни

Здруженијата за заштита на животни од цела Македонија и Зелен хуман град на 15 јуни, недела, повикуваат на мирен, но гласен и масовен протест поради, како што велат, неказнивоста за најтешкиот облик на кривично дело – убиството.

„Обвинителството заврши со излагање на доказите во случајот на Феликс. И покрај обемните непобитни докази, вклучително и видеа на кои се гледа свирепото убиство на едно невино суштество — како убијците го влечкаат врзан со жица за да му го фрлат искршеното тело деформирано од крвничко тепање во контејнер! — на нивните лица во судницата ниту еднаш не се виде грам каење!“, велат тие.

Напротив, додаваат, тие не само што инсистираа дека не се виновни, туку од досега чуеното од одбраната – ќе тврдат дека Феликс „сам си го барал да го убијат“ зашто им извршил нужда пред оградата.

„Овој стравичен настан не е изолиран! Тој е само уште едно во низата сведоштва за системскиот неуспех во заштитата на животните, за индолентноста на институциите и за отсуството на казни за насилство врз послабите. Феликс, за жал, не е прв случај на грозоморно убиство. Ги паметиме Идриз, Рекс, Белка, Томи, Мила и илјадници други знајни и незнајни жртви на човечката девијантност и пакост“, истакнуваат организаторите.

Како што посочуваат тие, за ниту една од овие жртви не е изречена затворска казна.

„Доста е! Време е македонските институции да излезат од вртлогот на беззаконието и да покажат дека се кадарни да ни обезбедат правда и заштита. На насилни убијци местото не им е на слобода! Тие се закана по безбедноста на секој од нас!“, сметаат граѓанските здруженија.

Според нив, кога едно убиство, најтежок облик на кривично дело, останува неказнето, тоа е тешка повреда на правниот и на моралниот поредок во целото општество. Кога убиец останува на слобода, велат, се губи доверба во институциите (полиција, обвинителство, судство), се праќа порака дека животот нема вредност, се поттикнува култура на страв и молчење, наместо правда и одговорност, а насилството се нормализира.

„Кога нема казна, има повторување! Правдата не е избор, туку обврска на едно демократско и хумано општество! Феликс — симбол на добрината, верноста и кроткоста — беше брутално убиен. Феликс не беше само уште едно бездомно куче, не беше само уште една несреќна жртва! Неговото убиство не смее да помине неказнето! Правдата не дискриминира по вид, тежина, крзно или опашка. Живот е живот! Судот мора да изрече затворска казна ако сакаме и најмал зрак на надеж дека слични дела нема да се повторуваат во иднина!“, нагласуваат организаторите на протестот.

Деталите за точното време на протестот и маршрутата ќе бидат објавени наскоро.

Протестот го организира граѓанската иницијатива Зелен хуман град заедно со активистички здруженија и групи за заштита на животните од цела Македонија: Здружение за заштита на животните „Анима Мунди“ – Скопје, Здружение за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. – Скопје, Граѓанско движење Национален ден на правата на животните Македонија – Скопје, „Animal Save“ – Куманово, „Animal Lovers“ – Струмица, „Animal Voice“ – Битола, „Арк Анималис“ – Битола, Здружение за заштита на животни и животна средина „Шепасти Ентузијасти“ – Скопје, „Pro Anima“ – Берово, „Срце за животните Тиквеш“, „Мали херои“ – Битола, Здружение за заштита на животните „Спаси живот“ – Штип и Граѓанската асоцијација за унапредување на инклузивноста во градот и градските простори „Хумани градови“ – Скопје.