Недела на современ шпански филм во Кинотека

Во Кинотека на Македонија, идната недела, фокусот ќе биде ставен на современиот шпански филм. Проекциите ќе се одвиваат секојдневно, со почеток во 20 часот, до 28 ноември. Прв на репертоарот е филмот „Овците не го пропуштаат возот“ (2014) во режија на Алваро Фернандез Армеро.

Во продолжение, погледнете ја целата програма и содржината на филмовите:

21 ноември (понеделник) 20:00 ч.
ОВЦИТЕ НЕ ГО ПРОПУШТААТ ВОЗОТ
(Las ovejas no pierden el tren)
Игран филм, Шпанија
2014 г., 103 мин., колор, блуреј
Режија: Алваро Фернандез Армеро (Álvaro Fernández Armero)
Сценарио: Алваро Фернандез Армеро (Álvaro Fernández Armero)
Улоги: Раул Аревало, Инма Куеста, Алберто Сан Хуан (Raúl Arévalo, Inma Cuesta, Alberto San Juan)

Урбана комедија полна со иронија, хумор, интересни ситуации и шеги. Во центарoт на вниманието се Алберто и Луиза. Алберто е невработен новинар, кој многу одамна напишал бестселер и оттогаш има креативна блокада. Луиза сака да биде модна креаторка, но наместо тоа има училиште за шивачки и, дополнително, има опсесија да има уште едно дете. Тие двајцата го напуштиле градот и живеат на село. Сето тоа е доволно за брачна криза. Зaчин на приказната се разведениот брат на Алберто што ја живее втората младост со 20 години помлада девојка; сестрата на Луиза која нема момче, а очајно го бара; мајката на Луиза која неодамна се разделила од својот парнер и започнува нов живот во новиот огромен стан… Смешно и романтично, во рацете на вистински автор(и) секогаш е добитна комбинација.

22 ноември (вторник) 20:00 ч.
СРЕЌНА ЅВЕЗДА
(La buena estrella)
Игран филм, Шпанија
1997 г., 110 мин., колор, блуреј
Режија: Рикардо Франко (Ricardo Franco)
Сценарио: Алваро дел Амо, Педро Коста, Рикардо Франко, Анхелес Гонзалес Синде, Карлос Перез Меринеро (Álvaro del Amo, Pedro Costa, Ricardo Franco, Ángeles González Sinde, Carlos Pérez Merinero)
Улоги: Антонио Ресинес, Марибел Верду, Жорди Молија (Antonio Resines, Maribel Verdú, Jordi Mollà)

Рафаел ги затекнува Марина и Даниел во кавга. Ѝ помага на Марина и ја прибира во својот убав дом. Марина е трудна. Таа е девојка што пораснала по домови за деца без родители, а Рафаел е добродушен и осамен месар. Тие започнуваат врска која завршува со брак, а подоцна се раѓа и Ѕвезда (Естрела) која Рафаел ја прифаќа како сопствено дете. Секако, приказната влегува во ново ниво кога Даниел ќе излезе од затвор и ќе се вмеша во животите на Марина, Рафа и Ѕвезда. Филмот прекрасно го опишува чудниот љубовен триаголник кој се создава и од кој никој не може да излезе неповреден.

23 ноември (среда) 20:00 ч.
МАЛ ОСТРОВ
(La isla minima)
Игран филм, Шпанија
2014 г., 105 мин., колор, блуреј
Режија: Алберто Родригез (Alberto Rodríguez)
Сценарио: Рафаел Кобос, Алберто Родригез (Rafael Cobos, Alberto Rodríguez)
Улоги: Хавиер Гутиерез, Раул Аревало, Мариа Варод (Javier Gutiérrez, Raúl Arévalo, María Varod)

Шпанскиот југ во осумдесеттите години. Двајца детектвиви, Хуан и Педро, доаѓаат поради убиство во една зафрлена област и откриваат дека не се работи за еден случај туку за серија убиства. Детективите се сосема спротивни во своите сфаќања за работата и животот, но се сосема посветени во целта да го откријат злосторникот. Секако, авторите на филмот во истрагата за бруталните садистички убиства го вмешуваат минатото на Франковата Шпанија, како и идеалистичката верба во демократијата на помладиот детектив кој од тие причини е испратен на случај во рурална Шпанија. Приказна за старото и новото и судирот на тие две работи.

24 ноември (четврток) 20:00 ч.
МИГЕЛ И ВИЛИЈАМ
(Miguel y William)
Игран филм, Шпанија
2007 г., 102 мин., колор, блуреј
Режија: Инес Парис (Inés París)
Сценарио: Тирсо Калеро, Ева Круз, Анхел Гомез, Инес Парис (Tirso Calero, Eva Cruz, Miguel Ángel Gómez, Inés París)
Улоги: Елена Анаја, Хуан Луис Галијардо, Вил Кемп (Elena Anaya, Juan Luis Galiardo, Will Kemp)

МИГЕЛ И ВИЛИЈАМ е романтична комедија која инсценира пријателство помеѓу Сервантес и Шекспир кои што се вљубуваат во Шпанка.
Леонор се враќа во Шпанија, каде што татко ѝ ја мажи за шпански благородник, кој ќе ѝ обезбеди удобен живот и титула, но испровоциран од нејзината убавина, по неа се враќа и Вилијам, млад англиски писател на комедии. Шпанскиот благородник е стар и грд и има две ќерки што сакаат да го спречат договорениот брак. Во приказната се вмешува и Сервантес, пензиониран војник којшто собира данок за кралот, но и надежен поет кој се откажал од пишувањето, поради неуспех кај публиката. Леонор, која инаку, е вљубеничка во уметноста и театарот, манипулирајќи со двајцата писатели, успева да ги натера да соработуваат и да напишат трагедија. Овој љубовен триаголник, секако, ќе го утврди правецот на делување во уметноста на двајцата писатели, Сервантес и Шекспир.

25 ноември (петок) 20:00 ч.
НЕМА МИР ЗА ЗЛИТЕ
(No habrá paz para los malvados)
Игран филм, Шпанија
2011 г., 114 мин., колор, блуреј
Режија: Енрике Урбизу (Enrique Urbizu)
Сценарио: Мишел Газтамбиде, Енрике Урбизу (Michel Gaztambide, Enrique Urbizu)
Улоги: Хозе Коронадо, Родолфо Санчо, Хелена Микуел (José Coronado, Rodolfo Sancho, Helena Miquel)

Полицискиот инспектор Сантос Тринидад убива три луѓе во локален бар што работи со проституција. Но, еден сведок што е го гледа убиството ќе избега од местото на настанот и може да го инкриминира инспекторот, кој започнува потера по сведокот. Одделот за убиства и истражната судијка Чакон го преземаат случајот. Во паралелната истрага, онаа која ја спроведува Сантос со цел да го најде сведокот и онаа на судијката Чакон, која треба да ги расветли убиствата, се појавуваат чудни луѓе и настани кои водат до терористичка ќелија на радикална исламска организација, за која има сомневања дека поседува нуклеарен потенцијал… Прекрасен, напнат трилер во кој режисерот Урбизу со ненаметлив стил ве тера да се идентификувате со антихеројот Сантос.

26 ноември (сабота) 12:00 ч.
МАГАРЕТО НА ДОН КИХОТ
(Donkey Xote)
Aнимиран филм, Шпанија
2007 г., 90 мин., колор, блуреј
Режија: Хосе Позо (Jose Pozo)
Сценарио: Мигел де Сервантес, Анхел Е. Париенте (Miguel de Cervantes, Angel E. Pariente)
Улоги: Хосе Луис Гил, Андре Буенафуенте, Луи Посада (José Luis Gil, Andreu Buenafuente, Luis Posada)

Одличен, забавен и во холивудски стил снимен анимиран филм за авантурите на Дон Кихот и Санчо Панса во која како главен лик овојпат се појавува Русио, магарето на Санчо. Русио сонува да стане коњ и следејќи својот господар низ авантирите, во кои тој го придружува славниот витез Дон Кихот, ја заработува честа да се нарече коњ. И тоа не обичен коњ, туку коњ на Дон Кихот.

26 ноември (сабота) 20:00 ч.
ЅВЕЗДА ШТО ПАЃА
(Stella cadente)
Игран филм, Шпанија
2014 г., 105 мин., колор, блуреј
Режија: Луис Мињаро (Lluís Miñarro)
Сценарио: Серги Белбел, Луис Мињаро (Sergi Belbel, Lluís Miñarro)
Улоги: Алекс Брендемул, Барбара Лени, Лоренцо Балдучи (Alex Brendemühl, Bárbara Lennie, Lorenzo Balducci)

Темата на филмот е шпанскиот крал Амадео Првиот и неговата кралска позиција што може да се опише како фарса. Амадео Први е поканет од генералот Прим да го преземе тронот на Шпанија, но при самото негово пристигање на дворот, генералот Прим е убиен, а со тоа умира и сета кралска поддршка. Амадео доаѓа на функцијата полн со идеали, но набргу неговиот морал е совладан од неговите соработници, дворјаните и од политичарите околу него. На крајот, поддршката му ја откажува и неговата сопруга.

28 ноември (понеделник) 20:00 ч.
СИТЕ ТИЕ СЕ МРТВИ
(Todos están muertos)
Игран филм, Шпанија
2014 г., 93 мин., колор, блуреј
Режија: Беатриз Санчиз (Beatriz Sanchís)
Сценарио: Беатриз Санчиз (Beatriz Sanchís)
Улоги: Елена Анаја, Науел Перез Бискајарт, Анжелика Арагон (Elena Anaya, Nahuel Pérez Biscayart, Angélica Aragón)

Приказната се врти околу пет ликови: Лупе е триесетипетгодишна мајка која е во хронична депресија, не излегува од дома и постојано готви пити; Пакита е нејзината мајка која го одгледува нејзиниот син и е болна од рак, но тоа го премолчува пред домашните; синот Панчо е момче на четиринаесет години и е повлечен во свој свет; Виктор е момче кое сака да има музичка кариера и е обожавател на групата Гренландија, група во која во осумдесеттите членувале Лупе и нејзиниот брат Диего; и духот на Диего, братот на Лупе, кој загинал во сообраќајка додека Лупе возела, вратен на земјата со помош на магиите на другарките на Пакита. Смртта на Пакита и нејзината жртва го отвора патот кон тоа Лупе и Панчо да остварат однос каков што треба да имаат мајка и син и да се решат семејните проблеми.