Речиси 25 милиони луѓе биле инволвирани во принудна работа, покажува извештајот на Меѓународната канцеларија за труд. Најчесто станува збор за мажи, жени и деца, кои како мигранти работат во индустрии како што се земјоделство, рударство, фабрики, домашна помош и присилна сексуална работа.
„Присилени со измама, изнуда, уцени и закани, насилство, сексуална злоупотреба и психички притисок жртвите на екстремна експлоатација страдаат од сериозни и долготрајни здравствени последици“, се наведува во извештајот.
За да ја подигне свесноста кај населението за ризиците од трговија со луѓе со цел трудова експлоатација, невладината организација „Отворена Порта – Ла Страда“ ја започна кампањата „Не се залетувај!“, со поддршка од заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа „Хоризонтален Инструмент II“.
Бараме работници за берење грозје 2000-3000 плата плус храна и сместување обезбедени на плантажата.Но…?!Колку често сретнувате ваков оглас за работа?#NeSeZaletuvaj
Posted by Отворена Порта – Open Gate: La Strada Macedonia on Sunday, 27 September 2020
Оттаму ги советуваат граѓаните кога се пријавуваат за работа преку интернет да проверат дали компанијата има физичка адреса и дали адресата навистина постои. Потоа, да проверат кога рекламата е објавена и колку долго е активна. Дали описот е комплетен и дали има наведено лице за контакт и телефонски број, но и дали меил адресата на агенцијата е лична или службена.
„Направете критичка проценка на понудените услови за работа, дали звучат премногу добро? Обидете се да најдете луѓе кои веќе работат во компанијата што го објавила огласот. Прашајте за искуствата на другите луѓе со конкретниот огласувач. Информирајте се во кои работни сектори има најмногу случаи на трговија со луѓе со цел трудова експлоатација и како некој може да стане жртва“, советуваат од „Отворена порта“.
Тие ги повикуваат граѓаните да се обратат и на СОС-линијата 0800 111 11.