Научници претворија водород во метал

Речиси 100 години, научниците се обидуваа да го претворат најлесниот елемент, водородот, во метал.

Сега, со помош на современата алхемија, научниците на Харвард конечно успеаја да создадат мала количина на најреткиот, а веројатно и највреден, материјал на планетата, објави списанието „Наука“.

Водорордниот метал би можел да создаде револуција во технологијата, така што ќе дозволи креирање на супер брзи компјутери, возови со огромна брзина и ултра ефикасни возила, како и драстично унапредување на речиси се што е поврзано со електрика. Исто така, ова откритие ќе му овозможи на човештвото да ја истражува вселената како никогаш порано.

Но, научниците мора прво да проценат дали металот е стабилен при нормални притисоци и температури. Професорот Исак Силвера, кој ја соопшти веста, заедно со докторот Ранга Диас, изјави: „Ова е светиот грал на физиката под висок притисок“.

„Ова е првиот примерок од водороден метал на Земјата, така што, кога го гледате, вие гледате во нешто што претходно не постоело“.

Засега, ова мало парче метал може да се гледа единствено преку двата дијаманти кои биле користени за да го скршат течниот водород на температура далеку под нулата.

Потребната јачина на притисокот била огромна, поголема од онаа што може да се најде во центарот на Земјата.

Научниците планираат во наредните недели внимателно да го намалат притисокот.

Според една теорија, металниот водород ќе биде стабилен на собна температура, предвидување кое професорот Силвера рече дека било „многу важно“.

„Тоа значи дека ако го отргнете притисокот, ќе остане метален, слично како што се формираат дијамантите од графитот, под силен притисок и загревање, но останува дијамант кога тие ќе се отстранат“, рече тој.

Ако ова е точно, неговите особини би можеле драстично да подобрат се што користи електрична енергија. Металниот водород би можел, исто така, да помогне во истражувањето на соларниот систем, така што од него би можело да се направи дури четири пати помоќно гориво за ракета од она што го има денес.

„Ова е огромно достигнување, па дури и да постои само во овој дијамантскa ќелија на висок притисок, тоа е многу фундаментално и трансформирачко откритие“, заклучи Силвера.