Натура МК: Зоните на строга заштита најмногу на удар од незаконити дејства во високопланинските предели

Официјалните податоци од институциите даваат слика дека ретки се незаконитите дејства во виокопланинските предели на заштитените подрачја (над 1650 мнв). Сепак, во овие податоци недостасуваат забележани дејствија кои не се формално поднесени до надлежен орган, односно поминале како едукација или предупредување.

Ова е дел од заклучоците од извештајот на здружението Натура МК, собирани преку интервјуа и средби со локално население и надлежните институции од заштитените подрачја: Споменик на природата „Вевчански извори“, Национален парк „Галичица“ и Национелен парк „Маврово“. Преку нив велат тие, добиле многу повеќе информации од тоа што го има во официјалните податоци.

Па така, во полициската евиденција за изминативе 10 години се регистрирани само седум кривични пријави за нелеглани дејства кои ѝ штетат на природата и се однесуваат за НП Маврово и НП Галичица, додека нема ниту еден за СП Вевчански извори, односно Општина Вевчани. Од тие седум пријави, шест се во пониските делови на заштитените подрачја. Само еден случај на заловена мечка во стапица, во 2016 година на територија на НП Галичица се случувало во високопланинскиот предел на заштитеното подрачје.

Според официјалните податоци, најчесто забележани се бесправна сеча, незаконите лов и бесправно собирање на диви видови во високо-планинските предели, посочуваа од Натура МК.

Фото: Незаконито собирање на диви видови/Натура МК

„Значајна информација се извлече дека граѓаните не можат лесно да препознаат дали одредена активност е незаконита, бидејќи не е видливо дали некој тоа го спроведува со или без дозвола, односно дека правилата во заштитеното подрачје не се познати. И покрај тоа, од интервјуираните лица забележани се нелегален лов, бесправна сеча, оставање отпад, бесправно собирање диви видови, движење надвор од одредена патека, палење оган, водење куче (само за НП „Галичица“). А, можеби како најјасно познатo нелегално дејство е нелегалното преминување на државната граница, поради што со најголема сигурност е забележано бесправно собирање на диви видови од лица од соседна земја“, се наведува во извештајот.

Мапирањето што го направиле од Натура МК укажува дека повеќето нелегални активности се случуваат во Зоните на строга заштита, поради што се истакнува и важноста на нивно спречување.

Тие сметаат дека соработка помеѓу локалното население и субјектите задолжени за управување со заштитените подрачја постои. Сепак, како главен недостаток на пријавувањата кои ги прават посетителите и локалното население до надлежните во заштитеното подрачје, го истакнуваат фактот дека тие не се официјално евидентирани од страна на субјектот задолжен за управување со заштитеното подрачје. Поради овој недостаток, според Натура МК, тешко е да се направи анализа за незаконити дејства базирана на податоци, бидејќи како што велат – податоците или не постојат или се оскудни.

„Од интервјуата направени со локалното население кое живее во и околу заштитените подрачја предмет на овој извештај, добар дел пријавуваат незаконити дејства. При тоа, тие тоа го вршат на неформален, односно полу-формален начин, преку јавување на телефон на пријател кој работи во субјектот задолжен за управување со заштитеното подрачје. Од страна на субјектите кои се задолжени за управување со заштитеното подрачје забележани се реакции, а понекогаш и повратна информација за увидот кој е направен и дејствата превземени за справување со сторителите. Но, има и случаи кога ништо не е направено по дадената информација за незаконито дејство, понекогаш дури и кога станува збор за дејство која го загрозило животот на посетители на заштитеното подрачје. Локалното население смета дека непревземањето на корективни дејства од страна на одговорните лица од субјектот задолжен за управување со заштитеното подрачје е за да не се замерат со сограѓаните кои се сторители на незаконитите дела“, забележуваат од Натура МК.

Оттаму посочуваат дека постои и доза на недоверба кон институциите, поради што граѓани неретко одбираат да пријават незаконито дејство во локално здружение на граѓани кои е активно во заштитата на природата, или воопшто да не пријават. Тоа според нив остава простор и потреба за подобрување и зголемување на капацитетот и ефективноста за справување со незаконити дејства кои ѝ штетат на природата на субјектите кои управуваат со заштитените подрачја.

„Намалување на илегалните дејства во заштитените подрачја е важно за зачувување на биодиверзитетот и пределските вредности. Ситуацијата со нелегалните дејства кои и штетат на природата во високопланинските предели на заштитените подрачја е загрижувачка. Најголем број од строго заштитените зони се наоѓаат токму во високопланинските предели на заштитените подрачја и токму таму се случуваат нелегалните активности. Оттаму важноста на адресирањето на ова прашање е од исклучителна важност бидејќи е поврзано со улогата и функцијата на тоа заштитено подрачје“, истакнуваат од Натура МК.

Дополнително, забележале дека и капацитетот на чуварската служба во заштитените подрачја не е секаде ист, а со зголемувањето на површината со која се управува се истакнуваат поголеми недостатоци во однос на бројот на лица кои се потребни за таа површина да биде ставена под контрола.

„Во услови каде субјектите кои стопанисуваат со заштитените подрачја се на самофинанаирање, без прилив на средства од буџетот на државата, зголемување на бројот на вработените ќе дојде само како дополнителен товар врз користењето на природните ресурси со кои управува тој субјект. Во таа ограниченост, соработката со други е тоа што се истакнува како решение. Под други се мисли на други институции, граѓаните (доброволци) и граѓанските организации. Сепак, во рамките на сегашната бројност постои потреба од зголемување на техничките капацитети на заштитените подрачја да се справат со нелегални активности, како што се знаења како да собираат и процесираат докази, но и во однос на комуникацијата како алатка за едукација на посетителите“, проценуваат од Натура МК.

Оттука, зружението препорачува зголемено присуство на љубители на природата во високопланинските предели на заштитените подрачја, вклучување на локалното население во заштитата на природата, носење на подзаконски акти од Законот за заштита на природата, едукација, зголемен капацитет на чуварите на заштитените подрачја, интеракција и вклученост на јавноста, поедноставување на процедурата за пријавување на незаконитости, како и прекугранична и меѓуинституционална соработка.

Од Натура МК веруваат дека заклучоците кои произлегуваат од овој извештај би нашле примена на целата територија на Република Северна Македонија.