Националниот младински совет ги повика политичките партии на соработка со младите

Во пресрет на парламентарните избори 2014, Националниот младински совет на Македонија ги покани сите политички партии да се заложат за поддршка на младинскиот сектор и младите во Република Македонија, преку потпишување на Декларацијата за соработка со младите.

Декларацијата е подготвена од страна на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), чадор организација на 56 младински организации, организации за млади, сојузи и подмладоци на политички партии во Република Македонија.

Декларацијата за соработка со младите во Република Македонија е изработена со цел да биде мотив за унапредување на статусот на младите во македонското општество. Декларацијата е испратена до сите политички партии кои учествуваат на претстојните парламентарни избори, и дава можност на секоја партија да се позиционира како партија за која младите и нивната позиција се од голема важност, и чии пратеници ќе се застапуваат за добри политики во оваа област.

Националниот младински совет на Македонија во изминатиот период работи на промовирање и застапување на интересите, потребите и правата на младите луѓе во Република Македонија, за унапредување на нивниот статус во општеството, како и за нивно директно вклучување во консултативните и процесите на донесување на одлуки на сите нивоа на институционално работење, на локално и национално ниво, и дава можност на партиите да се приклучат кон овие заложби.

Потпишувањето на декларацијата од страна на политичките партии кои искажале поддршка и намера за соработка со младите во земјата ќе се случи на 23 април 2014 во 13:30 часот.

Целосниот текст на декларацијата можете да го погледнете на следните линкови:

Декларација за соработка со младите во Република Македонија

Deklaratë për bashkëpunim me të rinjtë në Republikën e Maqedonisë