НаТочак: Ќе се разочараме десеткратно ако ДУП-овите на Карпош, Гази Баба и Центар станат реалност

„Дали знаете дека низ паркот ‘Македонија’ предвидено е да минува страшен градски автопат? Дали знаете дека велосипедската патека во Гази Баба, една од најубавите во градот, е можеби само привремено велосипедска, зашто на нејзино место се планирани сервисни улици за комплексот на Саем?“, соопштуваат од НаТочак.

Од таму прашуваат дали граѓаните знаат дека на местото од паркот спроти „Нова Македонија“ има можност за кружен тек?

„Тој велат ќе биде огромен, целосно нехуман, непријателски за пешачење и возење велосипед,и кој ќе ги поврзе автопатот на ‘Гологанов’ со нехуманиот ‘Климент’, со ‘Водњанска’ и со подземната сообраќајница зад ‘Рамстор’ и со тоа ќе го распара срцето на градот? Ако се разочаравме со автоцентричното решение на ‘Климент’ во 2012, има допрва да се разочаруваме десеткратно повеќе, ако овие планови станат стварност“, реагираат од НаТочак, објавувајќи извадоци од детални планови од Карпош, Гази Баба и Центар, но кои, велат тие, примарната мрежа ја преземаат од Генералниот план и проектите на Град Скопје.

Оттука, НаТочак прашуваат, дали ова се планови работени паралелно на концептот Скопје ‘Велоград“!

„Соработуваат ли секторите во овој град?! Едно тело изведува велосипедски патеки, а другите си цртаат сервисни улици за коли на нивно место?“, соопштуваат вело-активистите.

Според НаТочак, ова е резултат на автоцентричниот ГУП од 2012-та, но за среќа, велат тие, Град Скопје го спрема новиот со кој се надеваат ќе се базира на принципите на „градови за луѓе“.

„Мултимодалност, планирање за безбедност, одржливост и здрава животна средина, град во кој пешаците и велосипедите се на врвот на сообраќајната пирамида и кој хаосот го решава преку најдобри можни услови за нив и преку ефикасен капацитативен јавен превоз кој е ‘рбетот на сообраќајот во градот, а не автопати за коли среде живеалишта на луѓе“, соопштуваат вело-активистите.

Носењето на Генералниот план, сметаат тие, досега се вршеше во целосна тајност, покана добиваа само избрани лица, а јавноста не беше воопшто вклучувана.

„Добивме известување дека со новиот предлог Закон за урбанистичко планирање, ако се усвои, во текот на процесот на носење ГУП ќе има и јавна презентација и јавна расправа (чудно не и јавна анкета?). Досега тоа го немало и ова е значаен исчекор напред! Веројатно слично нешто предлагаа и другите граѓански и стручни организации.
Град Скопје и другите градови сосем поинаку ќе се постават кога ќе мора својата визија да ја презентираат пред јавноста, а нема тоа да го прават зад затворени врати. Ова беше еден од нашите 6 предлози до Комисијата за транспорт, врски и екологија. Од вкупно 6, само 2 ни беа делумно прифатени. Добро е градот да го резервира просторот за идните потреби, но не е добро визијата да се базира на автомобилот, тој да е ‘рбетот на сообраќајот. Очекуваме драстични промени при работата на новиот Генерален план“, соопштуваат НаТочак.