Наставата на факултетите да се насочува кон физичко присуство, предлага Комисијата за заразни болести

Комисијата за заразни болести предлага сите факултети да се насочуваат кон настава со физичко присуство, поткрепена со вакцинирање на студентите и наставниот кадар.

Кај возрасната група од 6 до 14 години, пак, се забележува зголемување на бројот на нови случаи на КОВИД-19. Се работи за децата кои во најголем дел посетуваат настава во училиште со физичко присуство, соопшти денеска претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски.

Тој посочи дека засега нема простор за загриженост и дека ја следат состојбата. Но, од Комисијата апелираат доследно да се следат актуелните протоколи за одржување на настава со физичко присуство. Исто така, апелираат и до учениците и до родителите да го прифатат тестирањето.

Според анализите на Комисијата, епидемиолошката состојба во државата со КОВИД-19 во изминатата недела покажала намалување на бројот на случаи, но тоа според Петличковски не дава за право да кажат дека е добра епидемиолошката состојба.

„Сите анализи јасно упатуваат кон фактот дека најголем дел од починатите од КОВИД-19 се невакцинирани или нецелосно вакцинирани, или вакцинирани со две дози пред повеќе од 6 месеци“, рече Петличковски упатувајќи апел до младите да размислат и за трета доза вакцина против КОВИД-19.

Комисијата отвори дополнителни пунктови за тестирање. Во Скопје, од денес се активни пунктовите во Ѓорче Петров, Идадија и Бит Пазар, каде закажување термини може да се прават и преку матичен лекар. Паралелно скрининг ќе има и низ државата, со помош на Центрите за јавно здравје.

Од вчера започна серолошкиот скрининг на повеќе локации во Скопје. Од Комисијата не ги откриваат точните локации за да не доаѓаат луѓето наменски за да се тестираат, туку сакаат да ја видат реалната состојба од случајни минувачи.

Оттаму информираат дека засега собрале околу 200 примероци кои се анализираат, а планот е да се соберат околу 1000. Очекуваат на почетокот од следната недела да ги имаат првичните податоци за Скопје.

„Скринингот во Македонија ќе доцни ден-два затоа што има организациски одлагања“, истакна Петличковски.

Омикрон е веќе четврта варијанта на КОВИД-19 во државата. Петличковски соопшти дека кумулативната смртност од КОВИД-19 од почетокот на болеста до денес е три проценти.

Емилија Петреска