„Without Commercial Value“ како сеќавање на Мето Ангелов во Центар „Јадро“

Утре со почеток во 19 часот, во КСП Центар-Јадро ќе биде отворен настанот „Without Commercial Value“, посветен на уметникот Мето Ангелов (1977–2025).

Настанот е куриран од Ана Франговска, а свои обраќања ќе имаат Владимир Јанчевски, Ѓорѓе Јовановиќ и самата кураторка.

„Without Commercial Value“ не е класична изложба, туку концептуален настан кој го истражува отсуството како форма на присуство. Наместо физички дела, публиката ќе има можност да се соочи со нивни записи – видеа, документација и дигитални траги, кои функционираат како отворена архива на творештвото на Ангелов, велат од Центар Јадро.

Тие додаваат дека преку ваквиот пристап, се отвора простор за ново читање на неговата уметничка практика, која се одликува со интимност, експерименталност и критички однос кон општеството.

Ангелов работеше на пресекот меѓу уметноста и секојдневието, користејќи едноставни материјали и ситуации за да создаде дела што делуваат како суптилни интервенции во реалноста. Неговите проекти, меѓу кои „Ако не би било“, „Toasted bread“ и „After party“, остануваат сведоштво за автор кој не тежнеел кон спектакл, туку кон прецизно и често хумористично преиспитување на вредностите.

Настанот е замислен како отворен простор за сеќавање, разговор и заедничко присуство, каде публиката ќе може да се наврати на делото и влијанието на Ангелов во современата визуелна култура.