Европскиот парламент прогласи глобална „вонредна состојба за климата и животната средина“ и ги повика сите земји на ЕУ до 2050 година да се посветат на постигнување нула емисии на стакленички гасови.
Научниците вчера предупредија дека светот можеби веќе преминал преку низа климатски критични прагови, што резултира со „планетарна вонредна состојба“.
Со намера да ја покаже зелената наклонетост на Европа неколку дена пред клучната конференција на ООН во Мадрид за климата, ова гласање на пратениците го зголемува и притисокот врз Урсула фон дер Лаен, идната претседателка на Европската комисија, која оваа недела изјави дека ЕУ ќе ја предводи борбата против „егзистенцијалната закана“ од климатската криза.
Иако беше усвоена со големо мнозинство, со 429 гласа „за“, 225 гласа „против“ и 19 „воздржани“ – европратениците од целиот политички спектар предупредија да не се прават симболични гестови.
Поборниците за животната средина соопштија дека декларацијата не е придружена со доволно дејство.
„Нашата куќа гори. Европскиот парламент го виде пожарот, но не е доволно да се стои на страна и да се гледа“, рече советникот на Гринпис за климатска политика на ЕУ, Себастијан Манг, непосредно пред гласањето.
Со друго гласање во четвртокот европратениците поддржаа резолуција во која се вели дека сегашните климатски цели на ЕУ „не се во согласност“ со Парискиот климатски договор од 2015 година, кој повикува на одржување на глобалното загревање „далеку под“ 2 степени над прединдустриските нивоа, но со цел температурата да се крене максимум за 1,5 степен.
Европратениците поддржаа построга цел да ги намалат емисиите на стакленички гасови за 55% до 2030 година, што претставува подобрување од сегашната цел од 40%, но зелените политичари и поборници тоа го оквалификуваа како несоодветно.
Мрежата за климатски дејства, коалиција од 1.700 невладини организации, предупреди дека земјите-членки до 2030 година ќе треба да ја надминат постојната цел на ЕУ за да бидат во чекор со Парискиот договор.
Во моментов ЕУ има цел да ги намали емисиите на стакленички гасови за 40% до 2030 година наспроти нивото од 1990 година, цел што мрежата ја опиша како „шокантно недоволна“.