НАСА ќе додаде комерцијална „хотелска“ капсула во Меѓународната вселенска станица

НАСА ја избра приватната компанија која ќе изгради комерцијален хотел во склоп на Меѓународната вселенска станица.

Според „Аксиом“ тексашката компанија која ќе ја реализира доградбата, во станицата ќе има простор за екипата, која воедно ќе служи и како дом за идни вселенски туристи. Компанијата се надева дека доградените простории некогаш ќе можат да служат и како самостојна вселенска станица што би ја заменила сегашната откако таа ќе застари. Од „Аксиом“ велат дека комерцијалниот простор би бил отворен во 2024.

Просториите ќе содржат соби за истражување и големи застаклени површини кои ќе служат како опсерваторија за Земјата, дополниле од компанијата.

Концептот на Филип Старк

Целиот работен процес кој моментално се случува во Меѓународната вселенска станица полека ќе биде префрлен во новите простории за да нема прекини во работата откако старата станица ќе престане да функционира.

По префрлувањето, НАСА повеќе нема да плаќа за трошоците кои ги повлекува водењето на вселенска станица.

Во 2018, „Аксиом“ го најми дизајнерот Филип Старк за да го уреди и конципира ентериерот на на доградбата. Тој пак, го опишал финалниот резултат како „комфорно и пријателско јајце“.

„Визијата на Старк беше да се создаде удобен простор, комфорно јајце чија внатрешност е инспирирана од материјали и бои кои визуелно ја прикажуваат вселената. Во ѕидовите се поставени стотици мали лед светилки кои ги менуваат боите и го продолжуваат вселенскиот пејсаж кој се гледа низ стаклата“ – пишувало во едно од тогашните соопштенија.

Извор: Independent