НАкС бара критериуми за финансирање на високообразовните установи и колективен договор за академскиот кадар

Државата континуирано ги намалува средствата за образование. Од одвоени 1,1 отсто од БДП во 2010 година за високото образование, буџетот се намалил на 0,8 отсто во 2018 година. Ова според Независниот академски синдикат е резултат на намалувањето на државниот буџет низ годините, а дополнителна причина е ниската реализација на буџетот за високото образование која изнесувал 84% во 2018 година.

Овие наоди се дел од истражување на синдикатот посветено на финансиската транспарентност и отчетност во високото образование и науката.

Истражувачите истакнаа дека буџетот за високото образование и наука е нетранспарентен и се носи во постапка која не ги вклучува универзитетите, при што не е дизајниран според нивните потреби. Дополнително, анализата на платите покажала дека од буџетот на државата се исплаќаат најниски плати за академскиот кадар, два до три пати пониски од оние на регионот.

„Анализата на структурата на вработените во јавните универзитети и научните установи покажува катастрофална состојба на најстарите универзитети во Македонија, при што на УКИМ има 633 професори и 119 асистенти, додека на УКЛО на 140 професори има само 15 асистенти, односно само 11% од професорите имаат замена во иднина. Според ова, со заминувањето на професорите во пензија, најдоброрангираните универзитети во С. Македонија ќе се соочат со недостаток на наставен кадар и ќе се загрози нивното основно функционирање. Намалувањето на бројот на вработувања за наставен и ненаставен кадар на најстарите универзитети се поврзува со создавањето на нови и „политички подобни“ универзитети, каде се влеваат средства за нови вработувања. Дополнително, поделениот начин на исплаќање на плати на професорите, при што дел се исплаќа од МОН, а дел од универзитетите, стимулира зголемување на бројот на студенти со цел да се зголемат платите на професорите, намалувајќи го квалитетот на образовниот процес“, велат од НАкС.

Резултатите од истражувањата преку јавна трибина ги презентираа доц. д-р Бранимир Јовановиќ, проф. д-р Мирјана Најчевска, проф. д-р Маја Стевановиќ, проф. д-р Виктор Стефов. Покрај нив, учествуваа и академик Абдулменаф Беџети од МАНУ, проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева од Синдикатот на самостојните јавни научни установи и претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Борјан Ефтимов.

„Во однос на науката и развојот, трошењето на државата од 0,51% од БДП во 2014 година се намалил на 0.35% во 2018 година, што е на дното на Европа. Само за споредба, Словенија издвојува 2% од БДП за истата намена. Застрашувачки е податокот дека низ годините непродуктивно се трошат големи суми за проекти за превод на книги, наместо за наука. Па така, за научноистражувачка работа во 2018 година се одделени 92 милиони денари, а за превод на книги се одделени 40 милиони денари“, велат од НАкС.

На трибината се истакна дека непостоењето критериуми за финансирање на високообразовните установи и за формирање на платите на академскиот кадар се одразува на квалитетот на образованието и на застојот на науката и истражувањето во државата. Претставниците на НАкС потенцираа дека првиот чекор во решавање на напластените проблеми треба да биде воспоставување на критериуми за финансирањето, како и потпишување на колективен договор во секторот на високото образование и наука.