2.757 работници во 2018 година првично не добиле регрес за годишен одмор, додека на 8.899 работници им бил исплатен нецелосен износ од утврдениот. Ова го покажуваат податоците од 952 извршени инспекциски надзори од Државниот инспекторат за труд (ДИТ).
Популарно познатиот „К-15“, односно регресот за годишен одмор за вработените во приватниот сектор во стопанските дејности е регулиран во Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Со овој колективен договор, кој стапи на сила во 2014 година, работодавачите се обврзани на вработените да им исплаќаат најмалку 40% од основицата на платата, а услов е работникот да работел најмалку 6 месеци кај ист работодавач.
За изминатата 2018 година до ДИТ, најголем број претставки пристигнале од работници во текстилната и чевларска индустрија, поради што инспекторатот изготвил план за вршење на инспекциски надзори во тие дејности.
„На крајот на 2018 година и првите месеци од 2019 година зачестени се претставките од работници кои се однесуваат на остварување на правото на регрес на годишен одмор. Најголем број од претставките се од работници на кои им престанал работниот однос кај работодавачот кај кој го исполниле условот од најмалку од шест месеци работа во календарската година“, велат од ДИТ.
Според колективниот договор, регресот за годишен одмор може да изнесува и помалку од утврдениот доколку кај работодавачите настанале потешкотии во работењето (економско-финансиската состојба).
Ваквата ситуација мора да се заснова на задолжителна претходна консултација со синдикат на ниво на гранка и спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација. Кај работодавачите пак каде што не е формиран синдикат, спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците.
Кристина Ампева, претседателка на Здружението на граѓани на текстилната, кожарската и чевларската индустрија „Гласен текстилец“, вели дека со ваквиот утврден договор, во пракса може да се наиде на два проблеми.
Како што вели, на работодавачите не им е тешко да пријават загуби, па затоа има и исплати по 100, 500, 1.000 денари кои се законски.
„Втор проблем се јавува со спогодбата која се потпишува со претставник на вработени во фирми каде нема синдикат, па најчесто работниците не знаат кој тоа се потпишал во нивно име за помала исплата на регрес за годишен одмор. Како и секоја година, така и оваа, си останува оваа манипулација во колективниот договор, ние не знаеме што значи потешкотија во работењето кај работодавач ниту некоја од институциите не се најде за одговорна да ни објасни“, објаснува Ампева.

ФОТО: Кристина Ампева / Фејсбук
Фирмите имаат зголемен обем на работа низ целата година, вели таа, додавајќи додека работниците во текстилната индустрија во најголем број од фирмите работат секоја сабота.
„Но, на крајот од годината работодавачот работи во загуба, треба да докаже дека се манипулира со наводното, потешкотии во работењето“, посочува Ампева.
Од ДИТ, исто така критикуваат дека одредбата во колективниот договор е нејасна и непрецизна, поради како што велат, е усложнет инспекцискиот надзор за негова примена.
„Предвидено е дека работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба да исплатат регрес во понизок износ, без да се прецизира што значи потешкотии во работењето, односно по кој критериум тоа ќе се утврдува. Исто така не е наведено кој е најнискиот износ на регрес кој може да се исплати на работникот. Нејасен е и делот за консултации со синдикатот, односно не е утврдено на кој начин ќе се вршат тие консултации и дали тоа се однесува и на работодавачите каде што не е формирана синдикална организација“, велат од ДИТ во изјава за Радио МОФ.
Според Ампева, единствениот начин е институциите да го „прочешлаат“ работењето во загуба на дел од фирмите.
„Зачленувањето во синдикат е опција, која е најефикасна за спречување со потпишување на спогодба од страна на луѓе блиски до работодавачите. Но за жал, моментално и во фирмите каде има синдикат, ова за текстилните компании, гледаме дека се исплаќа пак сума помала од онаа која е загарантирана. Работнички синдикат на кој работиме во моментов, а особено наредната година, треба да спречи многу злоупотреби, манипулации и кршење на работничките права на самото работно место“, објаснува Ампева.
Бројот на фирми кои што бараат да се врати регресот на работодавачот е многу мал, смета Ампева, додавајќи дека во тој случај, тоа е кривично дело и за тоа е надлежно Министерството за внатрешни работи.
„Работниците и работничките се` уште не се осмелуваат да одат со такви комплицирани постапки, па оттаму ги советуваме колективно да се договорат вработените меѓу себе за да не ги враќаат парите, бидејќи никој не може да им ги земе на сила. А доколку бидат казнети со цел да им се сопре дел од плата, тоа ќе го имаме како доказ на листовите на плата како некоја задршка или казна, или евентуален аванс, но останува во извод од банка, па ќе има на што да се повикаме во тој момент во трудов инспекторат. Лесно е докажливо во тој случај“, објаснува Ампева.
Таа на работниците им порачува, во претпријатија каде немаат синдикати, сами да одберат претставници. Во тој случај тие преговараат со работодавачот, и како што вели, нема да дозволат мала и срамна исплата на „К-15“, додавајќи дека без спогодба, работодавачот не смее да исплати „К-15“.
До Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија, пак, за 2018 година имало 12 пријавени случаи за неисплата на регресот, кои засегаат 893 работници.
Оваа година, исто како и претходната, работниците можат да пријават неисплата на регресот за годишен одмор на телефонскиот број 15-131, како и на веб-страницата на инспекторатот. Кршење на работничките права можат анонимно да се пријават и на веб-страницата glasentekstilec.mk која здружението „Гласен текстилец“ заедно со неколкумина ентузијасти ја изработија деновиве.
Мартин Колоски
*Текстот е направен во рамки на Новинарскиот клуб на Радио МОФ раководен од новинарот Огнен Јанески