„Најголема анксиозност денес – ме остави на seen“, дебата за менталното здравје во дигиталната ера

„Живата комуникација е изменета и не може да се предвидат реакциите. Преку социјалните мрежи се учи да се одложува разговорот и тоа не прави помалку вешти во социјална комуникација. Кога нема жива комуникација,  почесто сме агресивни и навредуваме. Во живо кога ќе омаловажам треба да се соочам со реакцијата, па се има зголемено сајбер булингот – младите не ја сфаќаат тежината на зборот. Тие помалку тежат ако се напишани“, вака психологот Ана Попризова ги објаснува последиците кои се јавуваат кај младите луѓе кои премногу ги користат социјалните мрежи.

Живеењето во онлајн ерата веќе не е избор. И помладите и постарите се приморани своите задачи да ги извршуваат онлајн. Попризова беше една од говорничките на онлајн дебатата „Дали ни е потребна медиумска диета“, во организација на „Институтот за комуникациски студии (ИКС)“. Настанот кој се одржа во рамки на Неделата против лажните вести, отвори дискусија на неколку прашања околу зависноста од интернет, социјални мрежи и како тие влијаат врз менталното здравје на младите.

Најголема анксиозност денес  – ме остави на seen

Психологот Поп Ризова нагласи дека најпрво предвид треба да се земе фактот дека моменталните генерации на средношколци се млади кои уште од самото раѓање се изложени на социјалните мрежи, што нив ги променува. Таа забележа дека како образовен работник при набљудување, евидентно е дека младите се групираат, но и покрај тоа нема гледање во очи и директна комуникација.

„Сè уште постои потреба од припадност на група. Девојчињата се под социјален притисок за тоа како ќе се претстават на социјалните мрежи, што доведува до зголемена аксиозност. Имиџот се мери преку бројот на лајкови во текот на денот, во неколку часа. Тоа ја зголемува напнатоста и го зголемува времето поминато на социјални мрежи спремајќи се за тоа каква слика ќе се објави или каде ќе се чекира. Понатаму, се јавува чувството на хиперконектираност. Чувство дека цело време нешто се постира, нешто се случува. Младите се прашуваат „ако нешто се случува кај сум јас во однос на тоа?“, тие се сами и осамени, имаат чувство дека другите се среќни, дека им е поубаво. Сево ова има и ефекти врз релациите. Замислете го времето на првите симпатии и ставете го онлајн. Имате личност што ви значи, споделувате со неа нешто лично и сте блокирани без да знаете, немате контрола. Најголема анксиозност денес  – ме остави на seen. Сето ова е извор на тага, анксиозност и напнатост“, истакна психологот.

Според психијатарот Васка Митова, обземеноста со тоа секогаш да бидеме во тек со настаните, може да се објасни преку комуникацијата на невроните во мозокот, со што се лачи допамин, молекула на задоволството и мотивација задоволството да се повтори. Таа дополни дека допаминот се лачи особено во време кога се користи интернетот преку социјалните  мрежи, преку играњето видео игри, гледање серии, па и скролање.

„За разлика од тоа, активности во кои не се лачи допамин се учењето, читањето книги, раскревањето и потсуредувањето – кога ми е малце подосадно. А кога правиме активности кои ни лачат допамин, човекот одново и одново се труди да го искуси тоа задоволство на награда, што се доаѓа до степен на зависност“, вели Митова.

Кога младите немаат развиено социјални вештини, ним им е тешко да побараат помош

Митова дополни дека зависност може да се има и од алкохол, цигари, психотропни супстанци. Но, таа забележа дека дека за разлика од овие пороци, социјалните мрежи немаат генерациско ограничување – новите генерации се раѓаат онлајн.

„На најмали деца им се дава да гледаат цртани, тука може најдобро да се види стимулацијата, кога детето пушта цртани едно по друго. Да видам нова и нова информација, за да добијам малку допамин. Сево ова има одраз врз психичкото здравје – младите имаат потешкотија да изградат социјални вештини и да комуницираат со врсниците и фамилијата. Кога овие способности не се доволно развиени, на ним им е тешко да побараат помош, врските кои ги градат се лабилни, слаби и површни, ослабени. Младите се чувствуваат осамено, со што расте степенот на депресија, анксиозности и суицидални мисли. Голема штета може да има процесот „like, friend, unfriend“, тој делува на емоциите на младите зад профилите. Треба да се ограничи употребата на социјалните мрежи и интернетот, кои се сервирани од раѓање. Потребен е баланс“,  изјави таа.

Психијатарот напомена дека има навика помош  за оваа проблематика да се бара доцна, кога се забележува агресијата.

Стефан Митиќ е студент, а воедно и учесник на еден од социјалните експерименти на Институтот за комуникациски студии за „дигитална детоксикација“, односно записи од еден  поминат ден без технологија, интернет и скролање, т.н. медиумски надразби. Тој ги опиша искуствата од денот поминат во природа, со семејството.

„Чистење од отрови, така се чуствував. Целосна преобразба на моите вообичаени денови. Ги обновив одностите со семејството. Повеќе се посветував на тоа пред мене и реагирав во исто време. Можев директно да сум присутен во моментот и знаев како да се однесувам, знаев како ќе реагира соговорникот. Сакав да го вклучавм копчето. Тоа не се случи. Се прашував дали пропуштам нешто. Што се случува во животот на другите во кој јас не сум вклучен. Дали си поминуваат подобро од мене. Како течеше денот повеќе уживав во природата, имав поизострено чувство за тоа што се случува околку мене. Можев да уживам во природата, нешто што оваа година недостасува.  Би сакал ова да прерасне во месечна или неделна навика, тоа им го препорачувам на сите“, вели Митиќ.

Една четвртина од публиката не ги проверува информациите кои ги конзумира

Своето искуство и став на оваа проблематика го истакна и средношколката Рамиза Рамадани, велејќи дека во денешно време дезинформациите се шират побрзо од информациите и додавајќи дека често се расправа со своето друштво за времето поминато пред екранот.

„Цел ден го поминуваме пред телефон. Интернетот се шири како карцином и штетно влијае врз општеството. Сакам да го лајкнам и шернам она што сакам да го видат моите пријатели. Дезинформациите постоеле и ќе постојат – ние не можеме да го смениме тоа.

Зборувајќи за дезинформациите, од страна на менторката Александра Теменугова, беше напоменато дека скоро 50 отсто од домашната публика се информира од телевизија, а како што се намалува возрасната граница, така лицата се користат други медиуми, а најчесто за да се дојде до информацијата се користи мобилниот телефон, по што следува лаптопот, а по него и статичниот компјутер. Па така, дојдено е до резултати според кои 25 отсто од публиката, скоро една четвртина, не бараат дополнителни информации кога ќе прочитаат вест на интернет, процент кој ред неколку години изнесувал 17 отсто.

И. С.