Најдобрите студентски плакати од „Скопјепостер“ на изложба во Њујорк

На публиката во „Големото јаболко“ ќе и биде претставена изложбата на најдобрите 50 постери – финалисти од конкурсите на „Скопјепостер“ од 2008 до 2012 година.

Најдобрите студентски плакати од „Скопјепостер“ на изложба во Њујорк

Здружението за графички дизајнери Плакарт за прв пат ќе изложува во Њујорк. Постерите кои ќе бидат изложени во Галеријата МЦ се дела на студенти од првите 5 конкурси на темите Толеранција-глобален предизвик, Моќ наспроти сиромаштија, Екологика, ХИВ/СИДА, Пари бесплатно.

Од вкупно 10.000 пристигнати апликации овие 50 постери беа избрани од страна на членовите на меѓународните жирија за најдобри. Од нив 15. се здобија со највисоко признание, а останатите 35 беа издвоени како почесни дела. Автори на наградените дела се дизајнери од Израел, Полска, Иран, Кина, Турција Белорусија, Мексико, САД и секако од Македонија.

„Изложбата е иницијатива која произлезе сосема природно по 5 години од „Скопјепостер“ како урбан дизајнерски проект со меѓународен карактер. По Париз, Истанбул, Варшава, Њујорк е правото место за уште еднаш да ја одбележиме 6-годишната приказна на Скопјепостер фестивалот“,изјави Лазе Трипков од Плакарт.

Поставката „50 финалист на Скопјепостер“ има патувачки карактер и во следниот период ќе биде изложена и во Минск, Белорусија, Дубаи, Соединети Арапски Емирати и Прага, Чешка.

Изложбата ќе биде отворена денеска во Галеријата МЦ во 20 часот, а посетителите ќе имаат можност да ја посетат до 30 јануари.