Најавена сеча на стотици дрвја во Градски парк – тие се суви или пред сушење, велат експертите

На помалку од шест месеци пред локалните избори во октомври, кога е речиси извесно дека Данела Арсовска ќе ја напушти функцијата градоначалник на Скопје, се отвори нова криза поврзана со зеленилото во главниот град. Град Скопје обележа за сечење и кастрење стотици дрвја во Градскиот парк кои наводно се исушени или пред сушење бидејќи не биле одржувани со години, пренесува новинската агенција Мета.мк.

„Животниот век на дрвјата е ограничен и најчесто се работи за децениски стебла, но и тие би можеле да поживеат подолго доколку биле негувани“, кажа денеска професорот на Шумарскиот факултет Јане Ацевски. Тој дојде заедно со граѓани и екологисти на обиколка на 113 дрвја обележани за сечење и 303 дрвја обележани за кастрење со решение на Секторот за комунални работи на Град Скопје, донесено минатиот месец.

Граѓаните, заедно со советниците на Зелен хуман град во Советот на Скопје побараа информации за причините за најавеното сечење за секое од дрвјата, како и за можностите некои од нив да се спасат. Активистите потенцираа дека вредноста на дрвјата е повеќекратна и дека сечењето на толку голем број наеднаш ќе нанесе штета на паркот и на неговите посетители.

„Овие дрвја се зелени, имаат лисја, крошна, значи дека не се мртви и не се за сечење. Тие имаат своја функција, произведуваат кислород, даваат сенка, влијаат на намалување на топлотните острови, заради што најавеното сечење за нас е драстична и непотребна мерка“, посочија дел од присутните.

На обиколката професорот Ацевски информираше дека дрвјата се во лоша состојба, најмногу заради негрижа и лошо одржување низ годините.

„Секое дрво има животен век, но и тој може да се продолжува доколку има правилна нега, што овде не било случај. Овие дрвја во ваква состојба можат да бидат опасност, заради тоа што иако однадвор изгледаат добро, одвнатре се гнили“, рече Ацевски.

Една од причините што дрвјата постојат сами за себе без никаква грижа во паркот, е што градското јавно претпријатие Паркови и зеленило нема капацитет за одржување. Постои само еден тим, кој на располагање има камион и платформа, неопходни за одржување на високи стебла и уште еден тим, кој има само камион. Тие се користат за потребите на целото градско зеленило, во сите десет општини, вклучувајќи ги и Градскиот парк и парк шумата Гази Баба. Од претпријатието велат дека и таа механизација што ја имаат е застарена, а за да можат да го одржуваат зеленилото за кое се одговорни им требаат најмалку десет екипи.

Раководителот на секоторот за комунални работи во Градот Скопје, Зоран Лапевски вели дека обиколката ја организирале заради тоа што се работи за Градскиот парк и неговото значење за граѓаните.

„На секое барање за сечење на дрво претставници на Секторот за комунални работи и Паркови и зеленило одат на терен, се изготвува записник и решение. Во случајот бидејќи се работи за Градскиот парк, кој има витално значење за целиот град и неговите жители, постапуваме со особено внимание. Покрај основната функција која ја има зеленилото, ние мора да се грижиме и безбедносниот аспект, бидејќи секое од овие дрвја, ако е суво и може да падне претставува опасност“, вели Лапевски.

Мета.мк