Ко-основачката на Партијата за еднаквост на жените, Кетрин Мејер, ги тужи своите поранешни работодавци, Тајм Магазин, за дискриминација базирана на возраст и род.
Случајот доаѓа кратко откако беа објавени платите на новинарите на ББЦ, што предизвика јавна осуда поради разликите во платите на новинарките и вработените од малцинства. Дополнително, после една година судење, викендов беше донесена пресуда за новинар на телевизискиот гигант Фокс, за сексуално злоставување и сексизам.
Тужбата на Мејер, поднесена во суд во Њујорк, ги опфаќа последните три години од нејзината работа во Тајм и нејзиниот отказ во 2015.
Проблемите започнале кратко откако била назначена за регионален директор за Европа, после осум години одлична работа и многубројни награди, покажуваат документите приложени на суд.
Во тужбата е нагласено дека поранешниот уредник за надворешна политика, Мет МекАлистер, помлад колега, бил назначен како нејзин заменик без никаков процес на бирање, иако и било ветено дека таа самата ќе го избере својот тим. Мејер вели дека МекАлистер започнал кампања да ја поткопа и омаловажи, и иако постојано доставувала поплаки до работодавците, била игнорирана.
На крај, тврди таа, компанијата и ја одзела работната позиција како уредник за Европа една година подоцна, ја натерала да се откаже од титулата и работата му била дадена на МекАлистер. Во април 2015 била избркана од работа.
Тужбата, поднесена на 24 јули, вели: „Тајм ги прекрши законите за антидискриминација и човекови права, преку водење на систем на машки кронизам, во кој мажите, особено поранешните воени дописници, имаат предност пред жените при вработувањето, одлуките за унапредување и отпуштање“.
Новинарката вели дека случајот одлучила да го објави јавно, бидејќи сега може да дискутира за нејзиното лично искуство и е принудена да се соочи со пошироки проблеми на нејзината професија.
„Ако ова ми се случува мене, како би му било на некој кој има помала одбрана?“, вели таа.
Тајм не одговара на прашањата за тужбата и тврдењата на Мејер. Мет МекАлистер е исто така недостапен за прашањата на весникот Гардијан.