Над еден милион луѓе во САД досега примиле вакцина против Ковид-19

Повеќе од еден милион луѓе во Соединетите Американски Држави досега се вакцинирале против коронавирусот, пренесува „Н1“.

САД е земја која е најтешко погодена од пандемијата со Ковид-19, а во тек е масовна вакцинација со употреба на две вакцини, односно, на вакцината која ја произведоа компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“, како и вакцината на компанијата „Модерна“.

Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) соопшти дека 1.008.025 лица досега ја примиле вакцината против Ковид-19. Предност за вакцинацијата во земјата имаат здравствените работници.

Оваа бројка, сепак, како што јавува телевизијата „Си-Ен-Би-Си“ е далеку од целта на федералната влада, чија цел е да се вакцинираат 20 милиони Американци до крајот на годината.

Од почетокот на пандемијата со коронавирусот, во САД досега се заразени над 18.7 милиони луѓе, додека од последиците на вирусот починале околу 332 илјади луѓе.