Над 85.000 лица досега се пријавиле за вакцинација против Ковид-19

Преку веб-страницата „vakcinacija.mk“ досега 55.970 лица искажале интерес за вакцинација против Ковид-19, додека преку матичните лекари за вакцинација се пријавиле 29.209 лица, информираа денеска од Министерството за здравство (МЗ). Од вкупната бројка на пријавени, односно 85.179 лица, за вакцинација се пријавени 38 илјади лица над 70 години.

Во текот на вчерашниот ден, во земјава и официјално почна процесот на имунизација кога се вакцинираа 202 здравствени работници. Прва се вакцинираше докторката Добринка Јовановска, а веднаш по неа и главната сестра на Инфективната клиника во Скопје, Габриела Темелковска.

„Согласно направениот план за вакцинација на здравствените работници, први се вакцинираат медицинските лица кои работеле или работат со ковид пациенти од инфективната клиника, ГОБ ‘8 Септември’, Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, интерните клиники кои хоспитализираа пациенти“, стои во соопштението на МЗ.

Веќе следната недела, од МЗ најавуваат дека вакцинацијата ќе почне и за здравствените работници во болниците низ државата, како и за тие во приватните болници.

„Со ова, нашата земја ќе биде една од ретките земји во Европа во која ќе ја имаат примено вакцината против КОВИД-19 сите здравствени работници кои лекувале пациенти позитивни на коронавирусот. Вакцините се безбедни и развиени на сигурни платформи“, велат од министерството.

Пред неколку денови, во земјава пристигнаа и првите вакцини, односно, 4.680 од вкупно 8.000 вакцини од компанијата „Фајзер“ кои ги подари Република Србија, а во текот на следната недела, од МЗ најавуваат дека се очекува да пристигнат и другите количини од Србија.

До крајот на февруари пак, тие најавуваат и дека се очекува да пристигнат и најавените 200.000 вакцини од Народна Република Кина.

Досега во С. Македонија од почетокот на епидемијата, со Ковид-19 се инфицирани вкупно 97.803 лица, бројката на оздравени пациенти е 88.469, на починати е 3.010, додека бројот на активни случаи изнесува 6.324 лица.

Две здравствени работнички се првите кои примија вакцина против Ковид-19