Над 5.900 граѓани над 77 години пријавени за вакцинацијата која почнува утре

Од утрово Институтот за трансфузиона медицина во Скопје започна со дистрибуција на вакцината „АстраЗенека“ до здравствените установи низ државата, каде почнувајќи од утре ќе се одвива процесот на вакцинација на лица над 77 годишна возраст, за кој досега се пријавиле 5.976 граѓани, информираше Министерството за здравство (МЗ).

Вакцинацијата од утре ќе стартува во Скопје, односно во Поликлиниките Јане Сандански, Чаир и Букурешт, во Здравствените домови во Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица и во болницата во Кавадарци.

Во петок пак, вакцинацијата ќе започне и во Тетово, Струга, Неготино, Крива Паланка, Вевчани, Валандово, Ростуше, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Свети Николе, Ресен, Демир Хисар, Крушево, Македонска Каменица, Кратово, Кичево, Кочани, Радовиш, Виница, Пробиштип, Дебар, Пехчево и Македонски Брод.

Од МЗ посочуваат дека од синоќа од 19 часот националниот систем „Мој Термин“ ги отворил термините преку кои матичните лекари закажуваат вакцинација за граѓаните кои се опфатени во првата фаза и спаѓаат во групата 1Б, од Националната стратегија за ковид имунизација.

„Вакцинацијата е прецизно организиран процес, испораката на вакцини ќе оди сукцесивно. До крајот на оваа и за следната недела, на територија на цела држава пуштени се 9577 термини“, додаваат оттаму.

Како што велат, вакциналните пунктови низ државата ќе работат во две смени и ќе бидат отворени од 8 до 20 часот, од понеделник до петок. Матичниот лекар пак, на секој граѓанин кога му закажува тремин за вакцинација должен е да му каже во колку часот треба да се вакцинира и на кој пункт во здравствената установа каде се спроведува вакцинација против Ковид-19, објаснуваат од МЗ.