Над 2.500 лица ги прекршиле мерките за ковид 19 присуствувајќи на нелегална рејв забава во Франција

Повеќе од 2.500 луѓе присуствуваа на нелегална рејв забава во Франција, во време на мерки со кои земјата продолжува да се бори со ширењето на коронавирусот. Настанот, што се одржа во магацин во Бретања, започна во четвртокот и се уште трае, јавуваат медиумите.

Голем број рејвери пристигнале од Велика Британија и Шпанија, соопшти полицијата.

Присутните се судриле со полицијата, запалиле автомобил и фрлале предмети кон полицајците кои се обиделе да го затворат настанот. Најмалку тројца полицајци се повредени.

Во соопштението на локалните власти се вели дека полицијата се обидела да го „спречи овој настан, но се соочила со жестоко непријателство од многу учесници во забавата“.

Еден од посетителите на забавата, кој се претставил само како Џо, за новинската агенција АФП изјави дека „многу малку лица почитувале социјално дистанцирање“ на настанот.

Голем број луѓе спиеле во своите автомобили пред да се вратат на танцување, пренесува „Ле Монд“.

Некои присутни изјавија дека планираат да останат до недела, додека други велат дека се надеваат дека ќе останат и до вторник. Едно лице кое присуствувало на забавата за „Ле Монд“ изјавило дека рејвот е „многу добро организиран“ со штандови со храна.

Доцна во петокот, францускиот министер за внатрешни работи одржа кризен состанок за да разговара за настанот.Тој рече дека сите излези на возилата се блокирани, а полицијата на повеќе од 200 лица им дала вербални предупредувања.

Франција воведе строги правила во пресрет на Новата година, вклучително и полициски час од 20:00 до 06:00 часот.Повеќе од 100.000 полицајци беа распоредени низ целата земја за разбивање забави и спроведување на полицискиот час. На полицајците им било наложено да разбиваат нелегални забави веднаш штом ќе бидат пријавени, да ги казнат учесниците и да ги идентификуваат организаторите.

Франција од почетокот на пандемијата регистрираше повеќе од 2,6 милиони случаи на коронавируси и 64.892 смртни случаи.