Национална мрежа: Два фемициди за две недели- системот потфрла во справувањето со семејното насилство

“По објавувањето на вознемирувачката вест за вчерашното убиство на млада жена во Скопје од страна на својот партнер, за неполни две недели во нашата држава бележиме 2 фемициди, што укажува на апсолутната и итната потреба за системска мобилизација на сите можни национални и локални ресурси и капацитети за превенција и борба против родово базираното насилство во сите негови облици“, велат од Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство во својата реакција.

Оттаму дополнуваат дека фемицидот е најекстремната форма на насилство врз жените и девојчињата и во најголем број случаи е последица на континуирано повеќегодишно семејно или интимно-партнерско насилство, што за жал, често е застапен и во порите на нашите семејни заедници и општествениот систем во целост.

„Ги повикуваме Министерство за Внатрешни работи, Основното Јавно Обвинителство и Министерство за труд и социјална политика за итно разрешување на случаите и покренување на соодветни постапки против сторителите.  Постојано предупредуваме за зголемениот ризик од семејно насилство и интимно-партнерско насилство во услови на криза, и повторно апелираме за итно и приоритетно постапување во случаите на насилство врз жени и деца од надлежните институции. Очекуваме кривична пријава и гонење на сторителот согласно законите и Истанбулската Конвенција“, реагираат од Националната Мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Тие нагласуваат дека ќе ги следат случаите, постапувањето на институциите и преземените мерки, како и секој случај кој вклучува насилство врз девојки, жени или нивните деца.