Потребни ли се промени во моделот на студентско организирање? Што добиваат, а што навистина им е потребно на студентите од нивните претставнички тела? Колку се легитимни претставниците на студентите и кој навистина одлучува кој е на врвот на нивните организации – студентите или политичките партии? Ова се некои од прашањата за кои на 2 ноември, од 13 часот, дискутираме #НаЧас, втората емисија од серијалот дискусии за подобро образование.
Гости во студиото на Радио МОФ, на темата „Кој (ќе) ги претставува студентите?“ ќе бидат Теодора Столевска од Младинскиот образовен форум, Владимир Делов од Министерството за образование и наука, а на местото на Бојран Ефтимов, доаѓа Ѓорѓи Рајчиноски од Студентски пленум. Најавениот Давор Поповски од Студентскиот парламент на УКИМ го откажа своето учество во дискусијата.
Дискусиите „На час“ – за подобро образование ќе се емитуваат секој четврток, во 13 часот. Притоа ќе се стримаат во живо, со аудио пренос на Радио МОФ и видео пренос на нашата Фејсбук страница. За сите прашања, коментари и забелешки активен на Твитер ќе биде и хаштагот #НаЧас.
Периодот кој следи наговестува дека ќе се случуваат многу значајни промени во образованието, а со цел да се добие видливост и отвори дебата на предложените политики го започнуваме овој тематски серијал посветен на образованието. Радио МОФ е младински медиум кој ги има како главен фокус: студентските и средношколските права, студентскиот стандард и создавањето на политики во образованието. Токму затоа, опширното, сликовито и сеопфатно информирање на јавноста за теми поврзани со образованието и животот на учениците и студентите го сметаме за еден од приоритетите.
Серијалот „На час“ е финансиран и се спроведува во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.