[ВО ЖИВО] #НаЧас: Какви учебници, такви ученици?

Од какви учебници учат учениците во основно и средно образование? Зошто се повлекуваат  учебници од кои учеа неколку генерации – кој пишува учебници, а кој утврдува дискриминација во нив? Што ќе донесат измените во Законот за учебници и дали конечно ќе бидат надминати проблемите со недостиг на почетокот на учебната година? Ова се некои од прашањата на кои ќе дискутираме во четврток (9 ноември), во 13 часот, во третата емисија од серијалот дискусии за подобро образование #НаЧас.

Гости во студиото на Радио МОФ, на темата „Какви учебници, такви ученици?“ ќе бидат професорката Елвира Мустафа, Драгана Дрндаревска од „Коалиција Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ и Вања Велева, директор на Педагошката служба во Министерството за образование и наука на РМ.

Дискусиите „На час“ – за подобро образование се емитуваат секој четврток, во 13 часот. Притоа се стримаат во живо, со аудио пренос на Радио МОФ и видео пренос на нашата Фејсбук страница. За сите прашања, коментари и забелешки активен на Твитер ќе биде и хаштагот #НаЧас.

Периодот кој следи наговестува дека ќе се случуваат многу значајни промени во образованието, а со цел да се добие видливост и отвори дебата на предложените политики го започнуваме овој тематски серијал посветен на образованието. Радио МОФ е младински медиум кој ги има како главен фокус: студентските и средношколските права, студентскиот стандард и создавањето на политики во образованието. Токму затоа, опширното, сликовито и сеопфатно информирање на јавноста за теми поврзани со образованието и животот на учениците и студентите го сметаме за еден од приоритетите.

Серијалот „На час“ е финансиран и се спроведува во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.