На уметниците им пропаѓаат изложби зошто Владата нема именувано директор на Управата за заштита на културното наследство

Уметници од земјава се револтирани бидејќи не можат да изнесуваат уметнички дела надвор од државата, откако скоро еден месец Управата за заштита на културното наследство на Северна Македонија е без директор.

Во писмена реакција на група уметници до Радио МОФ тие наведуваат дека се обраќаат до јавноста бидејќи Министерството за култура и Владата не си ги извршуваат своите обврски, поради што пропаднале голем број изложби.

„Управата има цел да се грижи за културното наследство, односно да обезбеди документација (Уверение за извоз и изнесување на незаштитени добра) со која се дозволува изнесување на уметнички дела кои не се под заштита на историското културно наследство, туку се авторски дела кои патуваат надвор од државата за изложби итн. Бидејќи единствен овластен потписник на управата е директорката, која патем е во пензија, а се уште фигурира како директор во системот и на веб сајтот, стана невозможно, институцијата да дозволи било каков износ на дела“, стои во нивниот допис.

„Невозможно е, и незаконски, во овој период од еден месец, кој патем се продолжува, бидејќи сè уште не се избира директор за оваа институција, да се изнесе било какво дело надвор од државава. Со тоа пропаднаа цели изложби организирани од институции, меѓу кои многу важна изложба во организација на Музејот на Град Скопје. Многу наши дела од уметниците кои требаше да патуваат на изложби во Европа, Азија и Америка пропаднаа порано крајно неодговорниот однос кон институциите“, се додава во реакцијата.

Од Управата за заштита на културното наследство ни потврдија дека во моментов нема директор на институцијата, но не сакаа да даваат никакви дополнителни информации околу проблемот кој настанал.

Според Законот за заштита на културното наследство, директорот на Управата го именува Владата на Република Северна Македонија.

Портпаролот на Владата, Муамет Хоџа, ни изјави дека се свесни за ситуацијата и дека во моментов проверуваат со надлежните служби зошто досега не бил именуван нов директор на Управата и кога тоа ќе се случи, по што најавија повеќе информации.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.