Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека е во завршна фаза на подготовка на, како што вели, два нови современи и стратешки важни предлог-закони за геологија и за рударство.
„Со нив се заменува постоечкиот Закон за минерални суровини, а нивната подготовка претставува темелна, институционална и стручно заснована реформа, изработена од експерти од самото министерство“, велат од таму.
Според министерството, Законот е целосно усогласен со европската регулатива.
„Предлог-законите се во согласност со најдобрите европски практики и ја транспонираат REGULATION (EU) 2024/1252 од 11 април 2024 година“, соопштуваат тие.
Од таму дополнуваат дека од 28 јули 2025, уште пред една недела, двата предлог-закона се достапни на ЕНЕР (Електронски национален регистар на прописи), каде ќе бидат до 28 август, за јавен увид и разменување мислења, предлози и забелешки од сите засегнати страни.
„Ги повикуваме сите чинители – експерти, општини, компании, граѓански организации и поединци – активно да се вклучат. Ова е можност за сите засегнати страни да влијаат врз креирањето на правила што ќе го уредат секторот на геологијата и рударството на долгорочно ниво“, посочуваат од ресорното министерство.
Како што велат, целта е заеднички да се изгради најдобро можно законско решение кое, меѓу другото, ќе обезбеди подобра заштита на животната средина.
„Строги еколошки стандарди при истражувањето, експлоатацијата и преработката на минералните суровини. Обврска за санација и рекултивација на терените по завршување на рударските активности. Можност за преработка и искористување на минералната суровина од старите одлагалишта“, посочуваат тие.
Понатаму, тврдат дека решението ќе донесе поддршка на локалните заедници.
„Најголемиот дел од надоместоците за минерални суровини и приходите од рударството да остануваат во општините каде што се врши експлоатацијата. Обврски за компаниите да инвестираат во локалната инфраструктура и социјален развој. Вклучување на заедниците во процесите на одлучување“, стои во соопштението.
Од министерството посочуваат и на поголема контрола и транспарентност.
„Ефикасна регулација на рударскиот секторот со овие законски решенија што ќе обезбеди подобра заштита на природните ресурси. Јавноста ќе има поголем увид во процесот на доделување концесии. Посилен надзор од државни институции“, велат тие.
Исто така, сметаат дека решението ќе има поголема економска корист за државата
„Повисоки такси и рударски надоместоци. Прецизно дефинирани права и обврски на концесионерите. Поттикнување на домашни и одржливи инвестиции. Унапредување на економскиот потенцијал што го носи рударството“, нагласува министервото.
Како последно, споменуваат и спречување на нелегалната експлоатација.
„Борба против ‘диви рудници’ и незаконско ископување. Контрола на количината и квалитетот на ископаната минерална суровина Најстроги казни за прекршувања и злоупотреби“, соопштува Министертвото за енергетика, рударство и минерални суровини.
Радио МОФ веќе пишуваше за овие два закони како најава, кога објавивме анализи поврзани со рудниците и нивното влијание врз животната средина, особено откако група еко-организации го кренаа гласот и ги критикуваа новите стратегии и закони што почна да ги спрема министерството.
Меѓу другото, екологистите рекоа „НЕ“ за обнова на старите рудници и отворање нови во места кои се веќе еколошки оптоварени со старо историско загадување, како во Лојане, така и за Пробиштип, каде постои големо жариште од старото хидројаловиште од рудникот „Злетово“ – 12 милиони тони олово-цинкова јаловина.
Она што лани го крена алармот кај еколозите прво беше програмата на новата Влада 2024-2028. Таму беше наведено дека ќе се носи Закон за рударство, а исто така „Владата ќе ги разгледа можностите за финансирање и планирање на Рударско-енергетски комплекс во Источна Македонија“ и за „отворање на рудници“.
Во изборната програма на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, беше допрецизирано дека се работи за „Стогово“ – рудник за манган што ги опфаќа општините Дебрца, Кичево, Дебар, Центар Жупа и Струга, а би придонел, како што стоеше, за економски развој на овој регион. Понатаму „Тајмиште“ – рудник за железо во Кичево, каде би се избрал концесионер за експлоатација на железна руда, исто така „Плавица“ (Црн Врв) – рудник за бакар, злато и сребро на двата локалитети во Кратово и Пробиштип, но и „Лојане“ во Липково – локалитетот што претставува еколошко жариште со 15.000 тони арсен, таму е планирано да се избере концесионер и тој да биде ставен во функција до 2026 година.
Владата генерално наиде на критики за Предлог-Стратегијата за рударство 2025-2045. Можните негативни ефекти од таа стратегија здружи 50-ина еколошки организации за да бараат еколошки гаранции за било каква рударска дејност, додека мислењето на локалните жители да биде одлучувачко ако се издаваат концесии.
Ако државата сака рудници, прво треба да ги праша локалците дали сакаат рудници
Бојан Шашевски