Секое парче уметност кое било создадено или донирано од имигранти ќе биде симнато од ѕидовите на музеј во Масачусетс, со цел да се стави акцент на нивниот придонес кон културниот живот на САД.
Дејвис музејот во Велесли, Масачусетс ќе остане без 20 проценти од својата колекција, или ќе ги покрие со црно платно, за посетителите да видат колкаво е влијанието на странските уметници и донатори за американското културно наследство.
Проектот кој се вика Art-Less (без уметност) е смислен како протест против контроверзната извршна одлука на Трамп, со која забрани влез на граѓаните на седум претежно муслимански земји.
Слики, бронзени и дрвени скулптури, церемонијални маски и дела од голем број различни колекции, веќе не можат да се најдат на нивните вообичаени места.
Особено впечатливо е отсуството на портет од Џорџ Вашингтон, бидејќи проектот се случува за време на Денот на претседателите, кој во САД се празнува овој викенд. Иако се прославува во чест на сите претседатели, се слави на роденденот на Вашингтон.
Портретот е насликан од шведскиот сликар, Адолф Улрик Вертмилер во 1794-96, а потоа бил дониран на музејот од шведско имигрантско семејство.
Осумдесет проценти од африканската колекција на музејот ќе биде прекриена со платно, бидејќи била донирана од семејство доселено од Полска.
На местата каде сликите се покриени или симнати, има етикета на која пишува „направено од имигрант“ или „подарено од имигрант“.
„Секоја постојана поставка во галеријата ќе биде под влијание на намалувањето на делата создадени или подарени на музејот од имигрант дојден во САД“, вели Клер Витнер, главен куратор на колекциите и надзорник на проектот.
„Art-Less го демонстрира на груб и неотповиклив начин влијанието на имиграцијат во нашите колекции“, додава Лиза Фишман, една од директорите на музејот. „Гордо ја прифаќаме можноста да го покажеме тоа влијание, да им дадеме почест на дарбите на креативност и великодушност кои ги прават Дејвис музејот и заедницата на Велесли прекрасни“.