Мрежа за заштита од дискриминација: Изјавата на Мицкоски за данокот за немажени и неженети е закана за човековите права, еднаквоста и слободата

За време на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија – Развој на стратешки документи за демографска отпорност“, претседателот на Владата Христијан Мицковски изјави дека се разгледува можноста за воведување дополнителни даноци за неженети и немажени лица. Според Мрежата за заштита од дискриминација, таквата изјава е длабоко загрижувачка и претставува закана за основните човекови права и принципите на еднаквост и слобода.

Мрежата оценува дека ваквата најава односно идна мерка не само што би била ретроградна, туку е и дискриминаторски, бидејќи, како што велат, ги крши човековите права односно правото на избор, правото на приватен и семеен живот и правото на планирање семејство, животен стил, семејна состојба и иднина.

„(Исто така) го стигматизира секој кој не живее во брачна заедница – било од избор, било од околности. Ги удира младите, самохраните родители, ЛГБТИ+ лицата и оние кои се социјално и економски ранливи. Не придонесува кон развој на општеството, туку отвора врата за нови поделби, стигма и нееднаквост“, реагираат од Мрежата.

Потсетуваат дека со член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Дополнително, вонбрачната заедница е регулирана и заштитена со Уставот на Република Македонија.

„Ваквиот предлог јасно кореспондира со идеите кои доаѓаат од авторитарни режими кои преку ретроградни наративи имаат за цел насилно зголемување на наталитетот. Наместо казнување на личните избори преку даночен систем, потребни се политики кои ги поддржуваат младите семејства, достапни градинки, сигурно вработување, родова еднаквост и слободен избор на партнерство и родителство“, нагласува Мрежата.

Од таму посочуваат дека животниот стил не е основа за оданочување. Во демократска и современа држава, велат оттаму, бракот треба да биде слободен избор, а не даночна обврска.

„Ја повикуваме Владата, како орган којшто е овластен предлагач на закони и политики, да се воздржи од иницијативи кои поттикнуваат дискриминација, а институциите – да застанат во одбрана на правата на сите граѓани, без разлика на нивниот брачен статус“, стои во реакцијата на Мрежата за заштита од дискриминација.