Мрежата „SafeJournalists“ ја усвои Декларацијата за унапредување на безбедноста на новинарките од Западен Балкан

На регионалната конференција на „SafeJournalists“, насловена „Новинарството под напад: време на репресија и отпор“, која се одржа од 29 септември до 1 октомври 2025 година, беше усвоена Декларацијата за унапредување на безбедноста на новинарките на Западен Балкан.

Текстот на Декларацијата е отворен за потпишување од новинарски здруженија, синдикати, медиуми, јавни институции, организации на граѓанското општество, како и поединечни новинари, новинарки и експерти од целиот регион. Сите заинтересирани можат да ја поддржат Декларацијата со свој потпис на следниот линк до 25 ноември.

Во продолжение, го пренесуваме интегрално текстот на Декларацијата:

Ние, претставници на новинарски здруженија и синдикати, медиуми, јавни институции, организации на граѓанското општество, како и поединечни новинари, новинарки и експерти од целиот Западен Балкан, собрани на регионалната конференција „Новинарството под напад: време на репресија и отпор“, признаваме дека обезбедувањето на безбедноста на новинарките е суштински предуслов за заштита на слободата на изразување, зајакнување на демократијата и гарантирање на правото на граѓаните на информирање.

И покрај постојните обврски за родова рамноправност, новинарките во регионот и понатаму се соочуваат со несразмерни ризици — меѓу кои се онлајн вознемирување, физичко заплашување, дискриминација на работното место и родово базирано насилство. Овие ризици често се влошуваат поради вкрстени облици на дискриминација засновани на етничка припадност, возраст, попреченост, сексуална ориентација или други социјални и економски услови, што создава повеќеслојна ранливост.

Слабите институционални реакции, некохерентните законски рамки и длабоко вкоренетите родови стереотипи создаваат средина во која насилството и вознемирувањето често се минимизираат или остануваат неказнети, принудувајќи многу новинарки на автоцензура.

Јавните институции имаат обврска да ги заштитуваат основните права, додека медиумските организации, новинарските здруженија, синдикатите, граѓанското општество и меѓународните партнери обезбедуваат застапување, мониторинг, солидарност и поддршка. Заедно ќе придонесеме кон создавање безбедна и поттикнувачка средина за новинарките низ Западен Балкан, во согласност со нашата заедничка европска перспектива.

Заеднички принципи

  • Родовата еднаквост, слободата на изразување и медиумската слобода се основни права кои се темел на демократијата и европската интеграција.
  • Сите мерки мора да имаат пристап насочен кон жртвата и интерсекциски пристап, обезбедувајќи соодветна заштита и поддршка.
  • Безбедноста бара активна вклученост и солидарност од сите колеги — жени и мажи, уредници и менаџери — во градењето инклузивни и поддржувачки редакции, вклучително и на хонорарни и други несигурни работни позиции.
  • Регионалната солидарност и европската соработка се клучни за зајакнување на безбедноста на новинарките.

Обврски на државните институции

  • Ќе работиме на усогласување на националните правни рамки со стандардите на ООН, ЕУ и Советот на Европа, вклучително и со Конвенцијата на ООН за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (CEDAW), Истанбулската конвенција, препораките на GREVIO и пристапните критериуми на ЕУ, за спречување родово базирано насилство и обезбедување одговорност за закани и напади.
  • Ќе ги зајакнеме капацитетите на полицијата и правосудните органи за навремена и ефикасна реакција на физички и дигитални закани, применувајќи родово чувствителни и жртвоцентрични пристапи.
  • Ќе ги поддржиме фер трудовите стандарди во медиумскиот сектор преку намалување на неформалноста и унапредување на социјалната заштита, во соработка со синдикатите и професионалните здруженија.
  • Ќе работиме на воспоставување пристапни механизми за пријавување вознемирување и дискриминација на работното место, со заштита од одмазда.
  • Ќе продолжиме со усогласување со европското законодавство, особено во однос на одговорноста на технолошките компании за онлајн родово насилство и систематско собирање и објавување на податоци раздвоени по пол за закани кон новинари.
  • Ќе обезбедиме ефикасни институционални реакции, со цел заканите и нападите врз новинарките да бидат темелно истражени со почитување на правичната постапка.

Обврски на медиумските здруженија, синдикатите и граѓанското општество

  • Се обврзуваме да застапуваме спроведување на законските и регулаторните мерки, следејќи нивна ефективна примена и држејќи ги властите одговорни преку мониторинг, јавна дебата и вклучување во процесите на креирање политики.
  • Ќе промовираме и ќе повикуваме медиумите да усвојат родово сензитивни протоколи за безбедност во редакциите, кои ќе опфатат физички ризици, онлајн вознемирување, дигитална безбедност, психосоцијална и медицинска поддршка и општа социјална сигурност на новинарките.
  • Ќе воспоставиме и зајакнеме независни механизми во медиумите за спречување и решавање на сексуално вознемирување, родова дискриминација и други форми на злоупотреба на работното место.
  • Ќе промовираме еднакви можности и правични услови за работа на новинарките, вклучувајќи сигурни договори, права поврзани со мајчинство и застапеност на лидерски позиции, а синдикатите ќе го зајакнуваат колективното договарање за заштита на правата на жените во професијата.
  • Ќе обезбедуваме поддршка за новинарки под закана, преку правна помош, психолошка и медицинска поддршка и финансиска асистенција, како и преку следење и јавно известување за случаи на насилство и дискриминација.
  • Ќе се вклучиме во регионални и меѓународни разменувања на добри практики, зајакнувајќи ја прекуграничната солидарност и отпорноста на новинарките.

Заеднички обврски

Секој чинител, дејствувајќи во добра волја и во рамките на својот мандат, ќе придонесува за комплементарност и соработка, со разбирање дека напредокот во безбедноста на новинарките зависи од колективен напор:

  • Ќе поттикнуваме структурирана соработка меѓу институциите, медиумите, синдикатите, граѓанското општество и меѓународните партнери.
  • Ќе ги зајакнуваме регионалните механизми за истражување и застапување, вклучително и преку мрежата SafeJournalists, со цел да се документираат закани, собираат податоци и подготвуваат препораки засновани на докази.
  • Ќе организираме редовни регионални форуми за одржување на темата за безбедноста на новинарките високо на политичките и јавните агенди, поврзувајќи ја со демократската консолидација и процесот на европска интеграција.
  • Ќе ја промовираме солидарноста меѓу новинарите, обезбедувајќи дека жените и мажите заедно застануваат против вознемирувањето, заканите и дискриминацијата, негувајќи култура на заемна поддршка во професијата.
  • Ќе поддржиме мерки за брза реакција и заштита на новинарките кои се соочуваат со непосредна опасност.
  • Ќе ја унапредиме соработката со меѓународните организации и мрежи – Европската унија, Советот на Европа, ОБСЕ, Обединетите нации, Репортери без граници (RSF), партнерите од MFRR и други – со цел заштитата на новинарките во регионот да биде усогласена со меѓународните стандарди и добри практики.

Со усвојувањето на оваа Декларација, ја потврдуваме нашата заедничка одговорност да создадеме безбедна, правична и поттикнувачка средина за новинарките низ Западен Балкан.

Заштитата на новинарките е заштита на самата демократија.