По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, Министерството за образование и наука упати честитка до граѓаните, нагласувајќи ја важноста на јазикот како најсилно идентитетско обележје на секој народ и чувар на неговата историја и култура.
Во честитката се истакнува дека јазикот е преносител на знаењето и вредностите од генерација на генерација и темел на меѓусебното разбирање во едно мултиетничко општество. Оттаму потенцираат дека и институционално и индивидуално постои обврска да се негуваат македонскиот, албанскиот, турскиот, српскиот, босанскиот, ромскиот, влашкиот и сите други јазици што се користат во државата.
„Само така ќе продолжиме да ги зацврстуваме мостовите на разбирање меѓу сите заедници и да градиме подобра заедничка иднина“, се наведува во честитката.
Од Министерството посочуваат дека вложувањето во образованието и почитувањето на јазичната различност претставуваат клучен предуслов за развој на демократско и инклузивно општество, во кое секој граѓанин има можност да го зачува и развива својот мајчин јазик.
Извор/Фото: МОН



